Политичкиот противник во Србија се доживува како непријател. Кога ќе се случи физичка пресметка, најчесто нема соодветна казна
Лидерот на новоформираниот опозициски блок Сојуз за Србија, Драган Ѓилас, ги повика граѓаните да учествуваат на протестот во Белград, кој ќе се одржи на осми декември под мотото „Стоп за крвавите кошули“. Протестот се организира поради физичкото насилство над активистите на Левица Србија, кога беше претепан и лидерот на ова движење.
Весникот „Политика“ во својот текст потсетува на сите досегашни случаи на политичко насилство во изминатите 28 години од српскиот повеќепартизам, во кое речиси сите политички партии биле жртви и се соочувале со овој проблем. За последниот напад над Борко Стефановиќ, Основниот суд во Крушевац определи 30-дневен притвор за тројца мажи, кои беа уапсени набргу по инцидентот во кој настрада и еден од основачите на Сојузот на Србија. Тој беше нападнат со метални прачки од маскирани напаѓачи непосредно пред почетокот на трибината во Крушевац.
Во текстот на „Политика“ се потсетува на повеќе случаи на напади на политичари и државни функционери, а меѓу нив беа нападнати и премиерите на Шпанија и на Италија, Маријано Рахој и Силвио Берлускони. Во Србија две лица загинаа во судирот на полицијата со симпатизерите на опозицискиот лидер Вук Драшковиќ, во времето на Слободан Милошевиќ, кога избија големи демонстрации на 9 март 1991 година. Во 1993 година пратеникот на СРС Бранислав Вакиќ во зградата на сојузното собрание го нокаутира Михајло Марковиќ од СПО, партијата на Драшковиќ.
Манифестирање политичко насилство имаше и во многу други настани во Србија, кои завршија и со убиства. Политичкиот аналитичар Дејан Вук Станковиќ оценува дека на политичката сцена владее ниско ниво на политичка култура и речиси нема политичар што не бил изложен на насилство. Во политичката комуникација владеат политичка ирационалност, навреди и клевети и на таков начин на комуникација се подложни многу актери на политичката сцена.
– Политичкиот противник се доживува како непријател. Кога ќе се случи физичка пресметка, најчесто нема соодветна казна. Во ваква атмосфера не е прашање дали ќе се случи насилство, туку кога тоа ќе се случи – предупредува Вук Станковиќ.
Во случајот на Стефановиќ, охрабрува фактот што нападот веднаш го осуди српскиот претседател Александар Вучиќ, а полицијата брзо ги уапси осомничените лица.
– За жал, овој настан беше повод за уште едно труење на политичката сцена. Ова треба да биде аларм дека нивото на политичките тензии мора да биде намалено – вели Дејан Вук Станковиќ.
За него е важно тоа што во Србија немаше системско политичко насилство, доколку се исклучат последните години од владеењето на Слободан Милошевиќ.
– Нашиот јавен простор е контаминиран со вишокот пропаганда и политичката ирационалност, на неконтролирани емоции што искрат на сите страни. Политичарите би требало да водат сметка за зборовите што ги изговараат затоа што тие многу лесно може да бидат непосреден повод за физичко насилство. Ниеден актер на српската политичка сцена не е ангел, но никој не е ни ѓаволот – вели Станковиќ за „Политика“.