Отворената кавга меѓу премиерот Бојко Борисов и претседателот Румен Радев прерасна во граѓански отпор и манифестирање незадоволство од граѓаните на улиците низ земјата. На протестите во големите бугарски градови се бара оставка на конзервативната влада на Борисов
По фрлањето шишиња и тврди предмети, завчерашните протести во Софија преминаа во судир меѓу демонстрантите и полицијата. Бугарските медиуми јавуваат дека биле повредени неколку полицајци, во обидот да ги спречат демонстрантите насилно да влезат во зградата на бугарската влада, а на балконот од зградата на Министерскиот совет бил развиорен транспарент на кој пишувало „Се продава“. Протестот ескалирал кога демонстрантите се обиделе насилно да влезат во Министерскиот совет, пренесуваат бугарските медиуми. Состојбата во Бугарија, по неколкудневните протести, е на работ на ескалација. Отворената кавга меѓу премиерот Бојко Борисов и претседателот Румен Радев прерасна во граѓански отпор и манифестирање незадоволство од граѓаните на улиците низ земјата. На протестите во големите бугарски градови се бара оставка на конзервативната влада на Борисов. Граѓаните се незадоволни од растечката корупција и од работата на Владата, како и од ширењето на влијанието на олигархијата.
Повикот за демонстрации, невообичаено, беше испратен на Фејсбук, од поранешниот бугарски вицепремиер и министер за правда Христо Иванов, со спектакуларна акција на пристигнување на брегот на Црно Море. Тој со двајца политички соборци доплови со чамец до луксузната резиденција на едно од највлијателните лица во земјата. Иванов, како опозиционер, сакаше да го сврти вниманието на широката јавност дека во таа резиденција, со помош на телохранителите финансирани од државната каса, со години се крие Ахмет Доган, човекот од сенка што со години ги влече потезите на бугарската политичка сцена. Доган е и политички ментор на Дељан Певски, кој поседува медиумска империја, која од „Репортери без граници“ и од организациите за човекови права многу години е изложена на критики. Неговите медиуми ја поддржуваат политиката на Борисов. „Дојче веле“ посочува дека капката за излевање на незадоволството кај граѓаните била рацијата на службените простории на претседателот Румен Радев. Во таа пригода на информативен разговор беа приведени двајца државни службеника.
Бугарскиот претседател Радев е жесток критичар на Борисов и на неговата влада, која ја смета за „мафијашко упориште“. Претседателот на Бугарија апелира до Европската Унија да се вклучи во одбрана на демократијата во Бугарија, која како членка на европското семејство има право да се пресмета со корупцијата, а Брисел е обврзан да помогне. Претходните влади на ГЕРБ, кои беа под водство на Борисов, беа споменувани во голем број корупциски афери. Опозицијата смета дека акцијата што ја презеде државното обвинителство против бугарскиот претседател е само димна завеса за да се сврти вниманието на јавноста од проблемите во Владата. Иако актуелната влада на Борисов имаше раст на популарноста поради справувањето со епидемијата на коронавирусот, последните настани успеаја да ја обединат голем дел од фрагментираната опозиција.
Десетина илјади приврзаници на Демократска Бугарија на претседателот Радев, БСП и на новите политички формации околу Славиј Трифонов и поранешната јавна правобранителка Маја Манолова една недела маршираат низ улиците на главниот град, во знак на протест против министерскиот кабинет на Борисов.
Медиумите објавуваат информации и за употреба на прекумерна полициска сила на протестите, што дополнително ги подигна тензиите во земјата. Но не постојат сигнали дека протестите брзо ќе се смират, кои се одраз на општиот бес и фрустрациите на граѓаните поради постоењето политичка корупција.