Како посебен штетен фактор за постоење на корупција во високите кругови на власта во балканските држави се донесувањето и приспособувањето на законите според интересите на поединци
Владејачките елити се потпираат на неказнивост за корупција и носење закони што доведуваат до фактичко „заробување“ на државите, со преземање на политичката моќ, се заклучува во извештајот „Испитување на заробувањето на државата“ на меѓународната организација за борба против корупција „Транспаренси интернешнел“. Извештајот ги анализира случаите на корупција на високо ниво и илустрира „како функционираат мрежите и шемите за покровителство и клиентелизам во земјите и на локално ниво преку злоупотреба на јавната функција“.
Лидија Прокиќ, регионална советничка за Источна Европа во „Транспаренси интернешнел“, вели дека новиот извештај ги покажува „механизмите преку кои одредени групи се во можност да извршат непотребно влијание врз функциите на државата, до тој степен што државата им служи на нивните интереси за јавно добро“.
– Главните фактори што ги идентификувавме се контрола врз судството, за да се запре кривичното гонење за корупција, и носењето закони по мера, т.е. законодавство што ефикасно ја легализира корупцијата, со приоритет на посебни интереси пред другите – рече Прокиќ за БИРН.
Во делот за Косово се споменува случајот за нелегално доделено вработување, а за Македонија се наведува примерот на поранешниот премиер, обвинет за незаконско финансирање на неговата тогашна владејачка партија. Случајот со поранешниот министер за земјоделство во Федерацијата Босна и Херцеговина покажува како „општинското ниво може да биде исто толку релевантно како националното кога станува збор за политичка корупција“. Можностите за корупција за време на транзицијата кон либерална економија на Западен Балкан се прикажани и преку анализа на случајот со црногорскиот телеком.
Како пример за „заробена држава“ во Албанија се споменува усвојувањето на закон со кој компанија блиска до владејачката Социјалистичка партија добива зделка за изградба на пат долг 17,2 километри, во која трошоците за изградбата ќе изнесуваат околу 300 милиони евра, што е двапати повеќе од првобитно предвидениот износ.
Феноменот на заробена држава е присутен кога моќните поединци и групи ја користат корупцијата за да ги обликуваат националните политики, законите и економијата во корист на сопствените приватни интереси. На овој начин им се овозможува на корумпираните структури да ја задржат својата моќ и да се збогатат на сметка на државата, а притоа да избегнат казна. Тоа се случува на сите нивоа на власта – од локалната до извршната, во Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Македонија, Србија и во Турција. Мрежата на лојалноста и заемната корист ги наведува службениците да ги злоупотребуваат своите позиции, се констатира во извештајот на ТИ, кој го пренесува и „Радио Слободна Европа“.
– Независното судство е од витално значење за спречување на корупцијата и за заземање на државата. За жал, во седум земји што се претставени во извештајот има многу од оние што се на власт кои влијаат на независноста и непристрасноста на правосудната постапка за да се обезбеди неказнивост на корупцијата на високо ниво. Системот на кривичното правосудство често не успева на ефикасен начин да ги истражи, процесира и санкционира случаите на висока корупција. Многу од овие случаи заглавуваат во фазата на истрага и во обвинителството, а тие што се осудени добиваат неразумно ниски казни, се заклучува во извештајот на ТИ.
Како посебен штетен фактор за постоење на корупција во високите кругови на власта се донесувањето и приспособувањето на законите според интересите на поединци. Овие закони се однесуваат на одредено прашање и се приспособуваат на деловните политики, а така донесените закони ги оневозможуваат судовите да спречат и да казнат одредени случаи на корупција.