Една недела по одржувањето на парламентарните избори, тројца високи државни функционери во Србија се позитивни на коронавирусот. Колку може ова да биде поука и предупредување за Хрватска и за Македонија, кои исто така поминуваат низ изборен процес
Партиските изборните активности и прослави на победата со труби, влегуваат во листата на можни потенцијални епидемиолошки бомби во земјите од Западен Балкан, на која досега се наоѓаа групните собирања во затворен простор, матурските прослави, мекиците за новороденче, спортските настани, погреби… Последниот случај во Србија, каде што тројца политичари од актуелната власт се позитивни на вирусот, е показател дека здравствените власти не си ја завршија доволно добро својата обврска за контрола на партиите колку ги почитуваат препораките, што секојдневно им ги кажуваат на граѓаните, а тоа е носење заштитни маски и држење на пропишаното растојание меѓу луѓето.
Претседателката на Народното собрание на Србија, Маја Гојковиќ, е позитивна на коронавирусот и викендот е хоспитализирана во белградската ковид-болница, поради воспаление на белите дробови. Со коронавирусот се заразиле и српскиот министер за одбрана Александар Вулин и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ. Медиумите во Србија забележуваат дека заболувањето на тројцата политичари се случи една недела по прославата на изборната победа на Српската напредна партија. На партиската забава присуствуваа многу партиски функционери и членови, а се поведе и „победничко“ оро, без да се води грижа за заштитата од ширењето на коронавирусот. Ова не е првпат вирусот да влезе меѓу политичарите. На почетокот на епидемијата присуство на коронавирусот беше пронајдено во просториите на српската влада, а еден државен секретар ја изгуби битката со невидливиот непријател.
Тоа што загрижува за новите случаи на заразени е што има и политичари што пред минатата недела имаа интензивни партиски активности за парламентарните избори што се спроведоа во Србија. Претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој беше на најистурените позиции во партиската кампања на СНС, засега нема никакви симптоми, но јавноста ќе биде информирана доколку дојде до промена на неговата здравствена состојба, соопштија од канцеларијата на претседателот на Србија.
Каде се заразиле српските политичари останува нејасно, но тоа што е сосема сигурно е дека предизборните активности стануваат високоризични настани, исто како и ноќните клубови и спортските настани, на што се должи и високиот скок на заболени во Србија и во Хрватска. Александар Вучиќ од почетокот на епидемијата во март годинава беше активен и секојдневно се среќаваше со граѓаните, а со тоа ги изложуваше на ризик и неговите блиски соработници да се заразат од вирусот Тој никогаш не ги прифати критиките и сугестиите од опозицијата да се стави во „самоизолација“.
Во слична состојба, деновиве, се наоѓа и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој е во предизборна кампања. Пленковиќ ги „занемарува“ препораките од опозицијата и од хрватските медиуми да се повлече од партиските активности, особено по средбата со повеќе тенисери што се „позитивни“, по одржувањето на тенискиот турнир во Задар.
Портпаролот на Владата на Хрватска, Марко Милиќ, за портaлот „Индекс“, изјави дека Пленковиќ не треба да оди во самоизолација затоа што контактите со тенисерите Новак Ѓоковиќ и Горан Иванишевиќ не се сметаат за „близок контакт“. Пленковиќ одговори дека лидерот на опозицијата Давор Бернардиќ нема да го гледа тој филм, а го обвини својот политички ривал дека „со барањето самоизолација се обидува да го избегне предизборното соочување“.
Случувањата во Хрватска и во Србија треба да бидат поука и предупредување и за Македонија, која, исто така, поминува низ изборен процес.
На официјалните видеоматеријали од партиските штабови се гледа дека македонските партии ги почитуваат здравствените препораки. Но затоа, на социјалните мрежи може да се види и како присутните на партиските предизборни собири се сликаат во групи, а некои од нив воопшто не носат маски и не го одржуваат пропишаното растојание од 1,5 метар од друго лице. Од почетокот на епидемијата, многу домашните политичари, министри и функционери беа во самоизолација поради контакт со заразено лице. Градоначалниците на Куманово и на Гази Баба објавија и дека беа позитивни и дека успешно го победија вирусот.