По дозволата за излети за Први мај во Хрватска, се засили и притисокот на јавноста во другите балкански држави за олеснување на полицискиот час за време на продолжениот првомајски викенд
Балканските земји влегоа со различни стратегии во борбата против ширењето на коронавирусот, а тие имаат и различни погледи во врска со брзината на олеснувањето на режимот на движење на граѓаните. Хрватска, која прва беше изложена на ризикот од пренесувањето на епидемијата од Италија, прва почна со олеснувањето на превентивните мерки за подобра заштита на населението. Хрватскиот кризен штаб во првата фаза за враќање во вообичаениот ритам на живот во земјата дозволи и можност за одржување на првомајските излети, но под услов во друштвото да има најмногу пет лица, со доследно одржување физичка дистанца и почитување на другите здравствени препораки.
Во Србија беше неизвесно дали националното кризно тело ќе попушти под притисоците на голем дел од граѓаните за олеснување на полицискиот час за претстојниот продолжен викенд. Одлуката за тоа најверојатно ќе ја донесе српскиот претседател Александар Вучиќ, откако ќе направи дополнителна процена, по разговорите со епидемиолозите. Претходно беше објавено дека во сила е одлуката за забрана за движење од четврток (30 април), од 18 часот, до понеделник (4 мај), до пет часот. За вчера во попладневните часови беше најавено одржување седница на македонската влада, на која се одлучуваше какви мерки ќе има за претстојниот продолжен викенд за Први мај. Како што најави министерот за здравство Венко Филипче, предлогот на Комисијата за заразни болести е полицискиот час да почне в четвртокот, во 19 часот, и да трае до понеделник, до 5 часот.
Прогласувањето полициски час за првиот првомајски и продолжен викенд во Србија беше искористен за партиска пропаганда, која се одвиваше од почетокот на епидемијата. Од опозициската партија Двери предлагаат само затворање на излетничките места, а на граѓаните да им се дозволи повеќе време за пазарење, за да се избегнат турканиците пред почетокот на долгиот полициски час, во траење од 83 часа! Лидерот на Партијата на слобода и правда, Драган Ѓилас, повика да се повлече одлуката за „затворање шест милиони луѓе на четири дена“.
– Сакате повторно да нѐ затворите, додека ни говорите дека вирусот е под контрола, а дека победата е тука – посочи Ѓилас во објавата за медиумите, во која наведува дека „Србија е единствената земја во Европа што ќе биде затворена четири дена“.
Медицинската стручна јавност е против скратување на траењето на полицискиот час за првомајските празници и предупредува дека тоа би можело да доведе до влошување на епидемиолошката состојба и се залагаа за постепено намалување на мерките за ограничено движење на граѓаните. Од овој понеделник во Србија беа делумно олеснети мерките, а почнаа да работат пазарите на затворен простор, фризерските салони, вежбалниците и фитнес-центрите. Се препорачуваат одржување физичка дистанца и носење маски и ракавици, како и визири за работниците што имаат близок контакт со други лица.
– Полицискиот час за време на претстојниот празник е препорака на струката заснована на медицинските докази и искуство во другите земји. Мојот апел е да имаме трпение уште малку и да се однесуваме како и во претходниот период – порача епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ.
Македонската влада вчера требаше да одлучува за тоа какви мерки ќе има за претстојниот продолжен викенд за Први мај. Предлогот на Комисијата за заразни болести е полицискиот час да почнува в четврток, во 19 часот, и да трае до понеделник, до 5 часот. За траењето на полицискиот час со став излезе и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој посочи дека, според него, не треба да има порестриктивни мерки.
Министерот за здравство Венко Филипче коментираше дека предлогот на комисијата се темели на стручни мислења и има медицинска издржаност.
– Не треба да станува збор за какво било лично мислење или некаква тенденција да се пренесе некакво мислење или став или желба на која било група граѓани, затоа што сите овие мислења се темелат на стручните мислења на Комисијата за заразни болести. Секако, граѓаните не сакаат да седат дома, но има причина зошто е предложено тоа – изјави Филипче.
Разидување во ставовите за продолжување или олеснување на мерките за движење има и во Босна и Херцеговина. Членот на Федералниот штаб на цивилната заштита, Давор Пехар, во врска со начинот на празнување на 1 Мај рече дека внимателно ќе ги следат промените во овие три дена и дополнително ќе ги определат правилата за однесувањето на граѓаните во следниот продолжен викенд. Според Милорад Додик, српскиот член во Претседателството на БиХ, Република Српска продолжува со строгите мерки за превенција од коронавирусот до 11 мај.
Поради намалување на бројот на заболени лица во Црна Гора се најавува брзо враќање на вообичаената динамика на живот на граѓаните и работење на фирмите.