Двајца вооружени мотоциклисти денеска го застрелаа познатиот грчки новинар Џорџ Караиваз, кој истражуваше криминал, соопшти полицијата, додавајќи дека тој бил убиен во близина на својот дом во Атина.
Новинарот на приватната телевизија СТАР ТВ ѝ беше добро познат на грчката јавност по известувањето за криминалот.
Владината портпаролка Аристотелија Пелони рече дека убиството ги шокирало сите.
– Властите веќе почнаа истрага – рече таа.
Полицијата соопшти дека Караиваз бил застрелан од двајца мотоциклисти, кои испукале повеќе куршуми во близина на неговиот дом во Алимос во јужна Атина. На местото на настанот се пронајдени дванаесет патрони.
Иако мотивите за пукањето сè уште не се познати, полицијата потврди дека убиството очигледно било внимателно испланирано.
– Ова е професионално убиство – изјави полициски службеник.