Големиот пожар што избувна вчера во централниот дел на грчкиот остров Евија, поради кој беше спроведена евакуација на околу 500 лица од две села и еден манастир, денеска е ставен под контрола.
Регионалниот управник на Евија, Костас Бакојани соопшти дека „повеќе не постојат активни фронтови на пожарот“ и дека тој е целосно под контрола.
Поради пожарот до претпладнево беше затворен и дел од главниот пат што минува низ островот, а со цел да овозможат побрзо заминување на оние што сакаат да ја напуштат Евија, властите наредија траект линиите кон Атина да сообраќат во текот на целата мината ноќ.
Пожарот на Евија, остров што се наоѓа на околу 70 километри северно од Атина, зафати голема површина под борова шума и брзо се прошири потпомогнат од силниот ветер.
Во гаснењето на пожарот учествуваа 186 пожарникари со 62 противпожарни возила, 240 војници, како и авиони и хеликоптери.