Од први февруари би можело да престанат сите исплати од државниот буџет, вклучувајќи ги и исплатите на пензиите, поради незаседавањето на Домот на народите во Федерацијата на Босна и Херцеговина, предупредија од коалицијата на политичките партии групирани во „Бх.блок“.
Од оваа политичка групација предлагаат да се премине на привремено финансирање за исплатите на пензиите и за социјалните надоместоци за најзагрозената категорија на населението.
– Сега сме во состојба кога СДА и ХДЗ ги држат граѓаните во заложништво без најави дека тие се способни да ја решат оваа криза во наредните пет дена. Ова покажува дека нашиот предлог за избор на претседавач на Претставничкиот дом во парламентот на ФБиХ беше основан и државотворен – соопштија од коалицијата „Бх.блок“.
Во врска со длабоката поделеност во општеството се огласија и од Канцеларијата на специјалниот претставник на ЕУ во Босна и Херцеговина и ги повикаа сите политички партии да се воздржат од политичките маневри за одвлекување на вниманието од проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
– Поларизирањето со ултимативни потези, вклучувајќи го и преиспитувањето на уставната рамка на земјата, нема да го олесни формирањето на власта во клучниот момент за придвижување на земјата кон ЕУ. Повторно апелираме кај сите политички партии за конструктивно ангажирање, со кое ќе обезбедат спроведување на изборните резултати, за да се тргне напред со потребните реформи – се наведува во соопштението на делегацијата на ЕУ во БиХ.
Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, претходно изјави дека не слабее иницијативата за оспорување на називот на БХ-ентитетот Република Српска пред Уставниот суд, што ја отежнува расправата за формирање на централната власт.
– Ова е неодговорно и контрапродуктивно. Воздржете се од поларизирачки постапки и фокусирајте се на воспоставување на новата власт – порачаа од канцеларијата на меѓународниот претставник во БиХ.
Бошњаците со иницијатива за промена на името на РС
Најголемата партија на Бошњаците, СДА, преку своите претставници во институциите на БиХ ќе почне правна процедура пред Уставниот суд на БиХ заради преиспитување на називот на Република Српска.
– Долгогодишното практикување на власта покажа дека називот на ентитетот РС интензивно и ефикасно е користен за дискриминација и исклучување на другите два конститутивни народи – Бошњаците и Хрватите – се наведува во соопштението на СДА.
Во партијата преовладува ставот дека „поврзувањето на името со што и да е во мултиетничка заедница каква што е БиХ само за еден народ, по принципот на етничка привилегираност, е спротивно на Уставот на БиХ и Европската конвенција за човекови права, која е надредена во Уставот на БиХ. Според Уставот, додаваат, сите три конститутивни народи се рамноправни на целата територија на земјата, вклучувајќи ги и двата ентитета и дистриктот Брчко, пренесуваат медиумите во Босна и Херцеговина.
По најновата иницијатива на СДА, балканската редакција на „Ал џезира“ го поставува прашањето зошто се случува оваа иницијатива во овој момент. Иницијативата може да се набљудува и како провокација, со која Милорад Додик ќе се натера на непромислен потег, што ќе предизвика дополнителна реакција на високиот меѓународен претставник во БиХ. Од оваа телевизија посочуваат на тоа дека ова се случува еден ден по состанокот на делегациите на СДА и СНСД на Додик, кои се владејачки партии во Република Српска, по неуспехот за формирање на власта на ниво на Федерација на БиХ. Намерата, очигледно, е да се подигне тензијата затоа што на СДА ѝ се заканува губење на власта во повеќе делови на ФБиХ, во кои се формира политички блок на левоориентираните партии.
Како трета причина, во текстот на „Ал џезира“ се посочува начинот на владеење во БиХ преку пропагирање на популизмот, а со единствена цел политичките актери да се затскријат зад лошите резултати од практикувањето на власта, корупцијата и криминалот во изминатите години. Затоа им е потребна хомогенизација на Бошњаците и на Србите и преку нивните национални партии СДА и СНСД да го неутрализираат влијанието на своите политички противници.