Во досегашните пресметки меѓу криминалните кланови во Црна Гора загинале најмалку 20 луѓе, од кои четири жртви биле случајни
Советот за национална безбедност на Црна Гора оцени дека безбедносната ситуација во земјата била нарушена поради растечките судири меѓу организирани криминални групи. Советот побара од надлежните органи формирање заеднички специјализирани тимови со задача поефикасна борба против организираниот криминал. До седницата на Советот дојде по двојното убиство во Подгорица пред два дена. Во досегашните пресметки меѓу криминалните кланови загинале најмалку 20 луѓе, од кои четири жртви биле случајни.
Само во изминативе триесет дена во Подгорица имало шест бомбашки напади. Реакцијата на државата во пресметката со криминалните кланови мора да биде радикална, сметаат експертите за безбедност што гостуваа во емисијата „Оквир“ на РТЦГ. Криминологот Велимир Ракочевиќ предупреди дека трендовите на насилство станале деструктивни. – Ваквите пресметки не се наша специфичност, затоа што овие облици на криминал имаат интернационален карактер. Не би сакал ова да се сфати како слабост на државата, но ова што се случува говори за она што се случува во криминалните структури – вели Ракочевиќ. Александар Зековиќ од Советот за граѓанска контрола на работата на полицијата оценува дека состојбата со безбедноста во државата се влошува.
– Можеме да констатираме дека првпат е загрозена личната безбедност на граѓаните. Во земјата што е членка на НАТО граѓаните не се чувствуваат сигурно. Очекувано е да се постави прашањето за објективна одговорност. Оставките можат да придонесат за смирување на ситуацијата и добро е на граѓаните да им се испрати таква порака – вели Зековиќ. Тој потсети дека многубројните сегменти на државата долго време бараат промени во менаџментот на полицијата. – Често оваа тема се политизира, но имаше доста случаи што бараат кадровски промени. Директорот на полицијата мораше да биде сменет досега, но мораше да настрада невин граѓанин за да се случат смените.
Тоа не е доволно и тоа треба да го направи и шефот на криминалистичката полиција – вели Зековиќ. Новинарот Радмило Тадиќ, кој долго време е посветен на темата за криминалот, изјави дека во Црна Гора има околу десетина убиства годишно, но малку од нив се во мафијашка пресметка. Проблемот е што бројот на решени убиства во кои учествувала мафијата е мал и изнесува околу десет отсто. Од 1990 година до денес имало околу 50 нерешени убиства. Експертот за безбедност Зиран Миљаниќ дели дека Подгорица овие денови потсетува на Палермо од крајот на 1980 година.
– Сѐ упатува на уште поголема ескалација на војната на кланови и сѐ помалку ќе се води грижа за недолжните граѓани. На клановите им е најважно да извршат ликвидација на своите противници. Ова е неподносливо за државата и се внесува несигурност и нестабилност кај граѓаните, кои се плашат да испијат кафе во рестораните – вели Миљаниќ. Тој објасни дека во Црна Гора до пред пет години биле активни кланови што биле силни на европско ниво. Меѓу нив се клановите на Шариќ, Калиќ и кланот на Кељменди. Кавачкиот и Шкаљарскиот клан се нивни наследници, но се побрутални во пресметките. Полицијата дури нема ни податоци за нивната бројност.