Кај населението е присутна недовербата кон вакцинацијата, а државните институции преземаат низа активности за потикнување на граѓаните да ја примат првата доза за заштита од коронавирусот
Дел од медицинскиот персонал во Босна и Херцеговина одбил да се вакцинира со вакцините што пристигнаа како помош од соседна Србија. Поради ова слободните вакцини од „Астра Зенека“ биле искористени за имунизацијата за лицата што се најизложени од ризикот за заразување со коронавирус. Во слична состојба се најдоа и другите земји од регионот, каде што граѓаните изразуваат сомнежи во ефикасноста од вакцинирање против ковид-19. Во Србија, која е многу понапред во имунизацијата на населението, веќе се прави широка медиумска кампања за да се анимираат граѓаните да се пријават за вакцинација.
– Во Унско-санскиот кантон не се вакцинирани сите здравствени работници. Според анкетата, од вкупно 2.150 вработени медицински работници во јавните здравствени установи, за вакцинација се согласиле само 1.319 лица, додека другите не прифаќаат – изјави Зарина Мулабдиќ, директорка на Кантоналниот завод за јавно здравство, во изјава за „Кликс.ба“. Слична е состојбата и во Ливањскиот кантон, каде што вишокот вакцини, по одбивањето на медицинските лица, е искористен во домовите за стари лица.
Радио Слободна Европа се осврнува за ефектите од кампањата за имунизација откако во Србија до крајот на март се вакцинираа сите граѓани што претходно се пријавија на интернет-страницата на српското министерство за здравство. Од Министерството за државна управа и локална самоуправа во Србија до 25 март се пријавиле речиси 1,5 милион граѓани. Во издигнувањето на јавната свест за имунизација се вклучени повеќе познати лица од државата, стручната јавност, од естрадата и свештени лица од Српската православна црква и од Српската академија на науките и уметностите.
– Сите што имаат некакво влијание во јавноста треба да повикаат на вакцинација, како и политичките партии да се обратат до своите симпатизери, бидејќи станува збор за важно прашање за сите граѓани, без разлика на вероисповед, политички ставови и други разлики – вели Игор Авжнер, медиумски консултант во изјава за РСЕ.
Од десети март на телевизиите се спроведува кампањата што ја почна Владата на Србија, а изработени се и промотивни спотови со порака „Вакцинирај се и ти“, во кои учествуваат главно актери и други јавни личности. Иако Србија во регионот води според бројот на вакцинирани лица, околу 30 отсто од нејзините граѓани веројатно нема да се вакцинираат, додека 16 отсто се оние што „сигурно нема да се вакцинираат“, покажало истражувањето што е објавено во средината на март. Според оваа онлајн анкета од четири држави во регионот, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и Србија, според бројот на луѓето што се изјасниле за вакцинацијата, предничи БиХ со 61 отсто.
Социјалниот психолог Драган Попадиќ вели дека кај луѓето што не сакаат вакцинирање преовладуваат стравот и сомнежот, а нивниот отпор може да се „разбие“ од научни авторитети.
– За жал, ни научниците не беа единствени. Имаме лекари од државниот Кризен штаб за борба против коронавирусот што се појавуваа на телевизии и директно говореа против вакцинацијата и за разни заговори. Луѓето го слушаат тоа – нагласува Попадиќ.
На почетокот на вакцинацијата во Хрватска околу 30 отсто од граѓаните ги откажаа закажаните термини за вакцинирање со оксфордската вакцина, изјави Наташа Бан Тоскиќ, претседателка на Координација на хрватската семејна медицина. Од хрватскиот кризен штаб тогаш информираа дека нема да се прекине со имунизацијата на населението, а за да покажат дека вакцините се сигурни се вакцинираа и премиерот Андреј Пленковиќ, претседателот на хрватскиот парламент и раководителот на кризниот штаб.
Министерот за здравство во македонската влада, Венко Филипче, изјави дека нашата земја ќе го следи примерот на Канада и на Германија, кои донесоа одлука со вакцината на „Астра Зенека“ да не се вакцинираат лица помлади од 60 години. Министерот најави дека за став за ова прашање ќе се обратат и до Европската медицинска агенција (ЕМА).