Лекарите во Босна и Херцеговина велат дека зголемениот број заболени деца не може да се поврзе со појавата на новите видови на вирусот. Клиничката слика на заболените деца е блага, а на болничко лекување се испраќаат децата со средно тешка и тешка клиничка слика
Показатели за ковид-заболувања во регионот што сериозно предупредуваат
Повеќе стотици деца од Босна и Херцеговина биле хоспитализирани од почетокот на пандемијата, а нивниот број е особено изразен во третиот бран на ширењето на коронавирусот. Во Федерацијата Босна и Херцеговина досега од коронавирусот биле заразени 947 деца на возраст до пет години. На возраст од шест до десет години биле заразени 1.262 деца, а најмногу заразени се децата од 11 до 15 години, односно 2.128 деца. Во Република Српска, вториот ентитет во БиХ, најголемиот број заболени деца биле на возраст над 11 години. Околу 1.610 заболени деца се на возраст од 15 до 19 години, додека 1.292 деца се на возраст до 15 години, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје во РС.
Лекарите велат дека зголемениот број на заболени деца не може да се поврзе со појавата на новите видови на вирусот. Клиничката слика на заболените деца е блага, а на болничко лекување се испраќаат децата со средно тешка и тешка клиничка слика. Лекарите предупредуваат дека ковид-19 е нова заразна болест, со недоволно познати карактеристики за детската возраст.
– Поради ова, децата досега поретко се тестирани, па затоа и статистичките бројки за заболените деца од ковид-19 се неверодостојни. Од почетокот на пандемијата до април 2021 година, вкупниот број на позитивни и кои биле хоспитализирани на нашиот оддел бил 89, а бројот на позитивните родители што биле хоспитализирани со нивните деца е 72 – вели Едо Хасанбеговиќ, директор за дисциплина на здравјето на децата и член на кризниот штаб на Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево, во разговор за Радио Слободна Европа.
Во првиот бран, во текот на јули и август лани, биле хоспитализирани 14 деца, а за време на вториот бран во ноември и во декември, вкупно 22 деца биле на болничко лекување во Клиничкиот центар. Во третиот бран од епидемијата има деца со поизразени симптоми на инфекцијата. Во овој период има и најголем број хоспитализирани во текот на еден месец. Во март 2021 година има 23 деца пациенти, колку што имало за двата месеца од вториот бран. Овие деца имале респираторни и гастроинтестинални симптоми, проследени со зголемена телесна температура.
Од вкупно хоспитализираните поради коронавирусот, на светско ниво, децата учествуваат од еден до два проценти. Најголем предизвик за здравствените работници се постковид-компликациите при кои децата развиваат сложена клиничка слика наречени мултисистемски инфламаторен синдром (МИС-Ц). Досега нивниот број во Клиничкиот центар во Сараево е 21.
Меѓутоа, среќна околност е тоа што досега немало смртен случај и сите деца добро реагирале на пропишаната терапија.
На Клиниката за детски болести во Република Српска има згрижено три пациенти, а досега се хоспитализирани вкупно 88 деца.
– Познато е дека пациентите од млада возраст се помалку погодени од ковид-инфекцијата од возрасните, но мора да признаеме дека во последно време нивниот број се зголемува – вели Владимир Мирошљевиќ, доктор на оваа клиника.
Центарот за контрола и превенција на болести во САД објави податоци до 29 март 2012 година за зачестеноста на МИЦ-Ц кај децата во оваа земја, при што се забележани 3.185 случаи, од кои 36 деца починале.