Пет лица од една приватна клиника во Косово се уапсени под сомнение дека извршиле незаконски трансплантации и тргувале со човечки органи, соопшти косовската полиција. Полицијата за случајот поведе истрага пред неколку месеци, а при претресот земени се материјални докази меѓу кои и медицински докази, четири мобилни телефони и 500 евра. Претходно, во Косово се осудени неколку лица поради нелегална трговија со органи во клиниката „Медикус“ во Приштина.

Трговијата со органи е посочена и во извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за поврзаноста на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) со организираниот криминал. Истрагата за овој случај ја води Обвинителството на Специјалниот суд за злосторствата на ОВК.


За германска виза чекаат 79.037 граѓани

Германскиот конзулат во Приштина лани обработи 7.075 работни визи, додека на листата на чекање за барање виза во германскиот конзулат има 79.037 граѓани, објави порталот „Балкани инфо“, повикувајќи се на одговор од германската амбасада за бројот на барања од косовски граѓани за германска виза.
За работна виза во германскиот конзулат се чека повеќе од една година, додека за спојување на семејствата се чека до 52 седмици, а за шенген-виза 21 недела, пишува „Балкани инфо“.