Хрватска
Новиот модел на семејна пензија во Хрватска, кој најверојатно ќе биде воведен во 2022 година, ќе овозможи да се наследи одреден процент од пензијата од починатиот член на семејството, а во исто време преживеаниот член да ја задржи и својата пензија. Сегашниот модел дава можност да се наследи 70 отсто од пензијата на починатиот член, но преживеаниот партнер мораше да се откаже од својата пензија.
Членовите на семејството на носителот на правото на пензија имаат право на семејна пензија доколку починатото лице има пет години осигурителен стаж или најмалку десет години пензиски стаж. Право на пензија имаа вдовиците и вдовците, вонбрачните другари, неформалните партнери, доколку заедницата траела најмалку три години и доколку до смртта на партнерот наполниле 50 години.
ХДЗ и хрватската влада во своите програми се заложија на поправеден модел на семејна пензија. Работните групи што ќе работат на пензиските измени ќе бидат формирани наскоро, за да може предлогот да биде финализиран до крајот на 2021 година, пишува „Јутарњи лист“.
Засега не е позната висината на процентот што ќе може да се наследи од преживеаниот член на семејството. Износот од максимални 50 отсто за наследена пензија, кој се предлага од пензионерските здруженија, не е реален и најверојатно тој ќе биде помал и во согласност со финансиските можности на буџетот на Хрватска. Со воведувањето на овој модел на семејна пензија, ќе бидат уредени и други одредби со т.н. имотен цензус, како што тоа е направено во други држави од Европската Унија.