Косовскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Беџет Пацоли смета дека Приштина треба да вложи напори за да најде решение за барањата на нејзините сојузници, пред се на САД, за продолжување на преговорите со Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.
Пацоли во објава на Фејсбук оцени дека барањата на Вашингтон за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, се јасен показател дека „САД го посакуваат признавањето на Косово од страна на Србија“.
– Со писмата на претседателот (Доналд) Трамп до претседателот (Хашим) Тачи, а и со писмата на трите главни институции на САД се покажа јасно дека САД бараат заокружување на државотворноста на Косово. Ова инволвирање на САД, кои го посакуваат нашето зајакнување, интегрирање и нашето признавање од страна на Србија, е благослов за нас! Ова треба посебно да се сфати и да се има предвид!, напиша Пацоли.
Шефот на косовската дипломатија повика на „заеднички итен состанок на косовските политички лидери со американските и западните партнери“.
– Неопходно е да се координираат нашите активности, какви и да се тие, но мора да бидат во интерес на пријателството со западните сојузници и во национален интерес. Времето не нé чека, ова е момент за големи одлуки!, напиша Пацоли.
Американскиот претседател Трамп пред неколку недели испрати писма до претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, со барање двете страни „да се воздржат од дејствија кои би можеле да го отежнат постигнувањето мировен договор“.
Писмо со слична содржина до косовските институции упатија и други виосоки претставници на официјален Вашингтон, кои инсистираат Владата на Рамуш Харадинај да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, за да се деблокира дијалогот меѓу Приштина и Белград.