Претседателот на Словенија, Борут Пахор, изјави дека треба да се забрза проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан и изрази очекување дека ќе биде испратена единствена порака до Брисел од претстојниот самит.
На заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, Пахор рече дека тој е во посета на земјите од регионот со цел подготовка за самитот, што треба да се одржи во понеделник.
– Сакав да се консултирам со сите за идејата што произлегува од нацрт заклучоците од таа конференција – дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е геополитичко прашање и неопходност и дека мора да се одвива побрзо и дека ЕУ мора да го има пред очи целиот Западен Балкан и дека би било одлично кога сите земји од таа област ќе влезат во ЕУ во исто време – изјави Пахор.
Тој исто така рече дека мирот и стабилноста на Западен Балкан можат да се зачуваат само со релативно брз влез на сите земји од регионот во Европската Унија.
– Некои чувствителни билатерални прашања меѓу земјите во регионот ќе бидат полесно решени или ќе станат ирелевантни ако сите земји се приклучат на ЕУ во најкус можен рок – рече Пахор.
Запрашан за изјавата „за алтернативна промена на границите“, Пахор одговори дека не верува дека е можна мирна промена на границите во оваа област.
Српскиот претседател Вучиќ рече дека разговарал со Пахор за клучните регионални прашања, евроинтеграциите на Србија и билатералните односи меѓу двете земји.
– Нашата позиција се заснова на почитување на меѓународното јавно право и цврсти правни основи, а нашата позиција не е лесна и не е тајна кога сте во Србија. Јасно е дека имаме поинаков став за прашањето на Косово, како и 22 земји-членки на ЕУ – рече Вучиќ.
Според него, улогата на Словенија на Западен Балкан е важна.
– Словенија претседава со Европската Унија од јули и нејзината поддршка на европскиот пат е важна – рече Вучиќ.