Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е изложен на критики од опозицијата затоа што им се доделува српско државјанство на странски високи функционери, кои во сопствените држави биле обвинети или се осомничени за криминал. Повод за овие критики е доделување српски пасош за поранешната премиерка на Тајланд Јинглук Шинаватри.
– Пред актуелната афера за доделување државјанство за поранешната премиерка на Тајланд, која е осудена за корупција, уште еден поранешен премиер доби заштита од Србија. Државјанство му е доделено и на поранешниот премиер на Романија, Виктор Понта, обвинет за тешка корупција. Тој станува и советник на Вучиќ. Како да не ни се доволни режимската корупција и криминалот, па увезуваме – пишува во соопштението на потпретседателката на Партијата за слобода и правда, Маринка Тепиќ.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ, за овие обвинувања, изјави дека не гледа проблем во издавањето српско државјанство. Тој се залага за целосна либерализација на постапката за доделување пасош на Србија.
– Не гледам проблем, особено ако Владата може во тоа да има и некаква економска корист. Треба да ги привлекуваме луѓето во нашата земја – изјави Вучиќ.