Бугарија

Партијата Има таков народ ја обвини Демократска Бугарија дека се обидела да формира идна влада на Бугарија без да победи на парламентарните избори. Шефот на пратеничката група на Има таков народ, Тошко Јорданов, истакна дека Демократска Бугарија се откажала од својата позиција и одеднаш одлучила да поставува услови и да формира кабинет без победа на изборите на 11 јули.
Тој изјави дека на средбата пред четири дена со лидерите на Демократска Бугарија било истакнато дека партијата нема претензии, односно кандидати за идната извршна власт.
– Не знаеме што се случи во меѓувреме, но нивната позиција е радикално променета – посочи Јорданов.
Христо Иванов завчера прочита декларација во име на Демократска Бугарија, во која беа предложени имиња за составот на идната влада.
Јорданов се обрати кон Иванов и Маја Манолова, истакнувајќи оти нивните постапки се во корист на Бојко Борисов и водат кон следни парламентарни избори во Бугарија
Претходно канцеларијата на бугарскиот претседател Румен Радев издаде писмен став во врска со прашањата поставени од локалните медиуми за доделување мандат за формирање нова бугарска влада.
Како што е наведено во ставот на претседателството, парламентарните политички сили во Бугарија мора што е можно поскоро да ја најдат формулата за формирање редовна влада што е во интерес на бугарското општество, а претседателот Радев, во согласност со своите уставни должности, е подготвен да додели мандат за формирање кабинет.