Еден глас во Србија се продава за 50 евра

СРБИЈА

Во текот на изборната кампања се случува партиски активисти доброволно да извршуваат домашни работи за други граѓани, а за возврат да ги добијат гласовите на членовите на семејствата

Партиите од опозицијата и од владејачката коалиција во Србија сѐ уште не можат да се усогласат околу тоа што треба да се промени во сегашната изборна регулатива заради создавање услови за слободно изразување на граѓаните, на наредните парламентарни избори. Политичките аналитичари наведуваат повеќе начини и примери за влијание врз изборната волја на граѓаните, кои се применуваат од владејачката партија на Александар Вучиќ, но и од други партии. Како најилустративен пример се наведува случајот во Лучане, каде што партиски активисти во текот на изборната кампања работеле разни домашни работи, за да добијат за возврат гласови од членовите на семејството на домаќинот. Исто така, остануваат и класичните начини на „притисок“ врз гласачите во малите средини, кои се посетувани од силни момци во црни џипови, кои обезбедуваат сигурни гласови. Во низата мерки за убедување се и заканите за губење на работното место во некое државно претпријатие, во случај да одбијат да присуствуваат на митинг на некоја од партиите или ако одбијат да обезбедат пет сигурни граѓани што ќе гласаат за определена политичка опција.

Политичкиот консултант Ѓорѓе Беламариќ, за „Данас“ вели дека партиите применуваат метод за мотивација на гласачите да излезат на гласачките места.
– Целата кампања и политичкото дејствување на партиите се сведува на идентификација на избирачите и правење база на адреси и телефони за да се повикуваат гласачите да излезат на изборниот ден. Во Британија се користат и т.н. „лото-ливчиња“ со броеви на граѓаните од избирачкиот список за да се води евиденција за гласање на своите гласачи и по потреба да се повикуваат и да се превезуваат до избирачкото место. Друго ниво е неморалниот притисок на гласачите со уценување и поткупување – вели Беламариќ.

Според него, демократските избори зависат од волјата на партиите, колку се подготвени да ги злоупотребат државните ресурси, и од личниот интегритет на секој граѓанин, колку сака или не сака да го продаде својот глас како најголема вредност на слободниот човек. На крајот, сето тоа зависи од опозициските партии, кои мораат да понудат политичка програма, која би била посилна од 50-те евра што е и цената за купување еден глас.

Извршниот директор на „ЦеСид“, Бојан Клачар, вели дека проблемот со притисоците на вработените во државните фирми може да се регулира со интерни акти во кои јасно ќе се наведе дека државните службеници ќе бидат поштедени од какво било учество во политички активности. Според него, потребно е од највисокото политичко ниво да се испрати порака до раководителите дека таквата кампања е забранета, односно да се воздржат од притисок затоа што ќе бидат остро казнети.

– Моменталното опкружување е такво што вработените се чувствуваат изолирано, незаштитено, неслободно и несигурно. Како да се чувствува поединецот во некое јавно претпријатие во мал град кога знае дека претпоставените, директорот, претседателот на општините се членови од една партија. Пораката од највисокиот политички врв треба да биде дека никој не смее да врши притисок врз вработениот и оти тој може да пријави таква злоупотреба на функцијата – објаснува Клачар.

Притисокот преку разни видови помош во текот на кампањата, за што за возврат се очекува и гласот, што се прави под плаштот на хуманитарна работа, не е дозволен и ваквите случаи треба да се забранат и да се пријават во Агенцијата за борба против корупцијата.

– Џиповите без регистарски таблички се во надлежност на МВР, а користењето црни автомобили од јавните претпријатија од другите градови може да биде злоупотреба на јавните ресурси. Во дијалогот меѓу власта и опозицијата се најавува дефинирање на тоа што се јавни ресурси за да се спречи нивно користење во кампањата. Ова може да се уреди преку Законот за финансирање на политичките активности. Двојните избирачки списоци не смеат да постојат и тоа претставува кривично дело – објаснува Клачар.

Политичките аналитичари истакнуваат дека е тенка линијата меѓу политичкиот притисок и кампањата, која е дозволена пред изборите. Се чини, владејачката Српска напредна партија е најагилна во спроведувањето на кампањата за обезбедување сигурен глас, иако и другите партии го правеле тоа во сите изборни циклуси од 2000 година. Останува прашањето дали притисоците врз граѓаните се диригирани од врвот на партиите или, пак, активистите сами ги преминуваат границите.