И Хрватска, како млада демократија, брзо падна под влијанието на лошите трендови извршната власт да се наметне над работата на законодавниот дом
Неодамнешната кризна состојба во хрватското собрание, кога обединетата опозиција ја прекина седницата поради (не)изгласувањето на промените на Законот за земјоделство, потсети на суштината на проблемот во практикувањето на парламентарната демократија во Хрватска. Во законодавните постапки во Хрватска последните месеци и години се случуваат сѐ повеќе формални дубиози. Поединечно можеби не станува збор за кардинални пропусти, но нивната зачестеност укажува на генерално проблематичен однос кон легислативата, пишува „Дојче веле“.
Расправата и донесувањето на законите се третираат главно незадолжително, често со мал број присутни пратеници. Видливо е тоа што многу пратеници не се упатени во материјата за која се расправа. Стана вообичаено чувствителните закони да се донесуваат во пресрет на годишните одмори, кога вниманието на јавноста е сведено на минимум.
Сето ова се заканува дополнително да ги поткопа демократските принципи на пратеничкото залагање за јавен интерес. Политикологот Берто Шалај од Факултетот за политички науки во Загреб вели дека треба да се разликува политичкиот бонтон од културата на демократијата, која подразбира различни облици на дејствување.
– Во светот имаме можност да видиме сѐ и сешто, понекогаш и физичко насилство во парламентот, кое не е ни добро ни пожелно. Во хрватскиот пример, поголем проблем од кои било досегашни собраниски инциденти е стандардниот однос на нашите пратеници и партиите кон нивната сопствена работа и застапување на јавните интереси – вели Шалај.
Сегашните пратеници годинава направија значајни измени во деловникот на хрватското собрание. Тоа е направено по повеќенеделните препирки со претставниците на опозицијата, кои се избориле за некоја отстапка, иако може да се каже дека по измените Собранието не функционира подобро.
– Главната цел беше да се обезбеди потребното мнозинство во граѓанските случувања, а другите измени не помогнаа за суштински промени на претходната лоша практика. Сѐ уште има премногу немарност и целосно непознавање на содржината на законските решенија – забележува Шалај.
Загрепскиот политиколог укажува дека ова не е само хрватски проблем и потсетува на законодавната власт во цела Европа. Владите владеат над парламентот, а тоа е проблем на современата либерална демократија, каде што пратениците сѐ повеќе служат на тоа да се потврди волјата на извршната власт. На работата на извршната власт влијаат разни невидливи центри на моќ. И Хрватска како млада демократија брзо падна под влијанието на лошите трендови, и тоа веднаш кога се пристапи во тој политички модел.
– На ниво на Европската Унија сето ова изгледа многу лошо, од што се појавуваат важни теми. Во случајот со расправата во британскиот парламент и премиерката Тереза Меј се покажува дека може и поинаку. Од неа се бара да се објават протоколите за нејзините состаноци со Брисел, иако претходно таа остро се противеше. Европскиот парламент е посебна приказна – вели Берто Шалај.
Јосип Крегар, професор на загрепскиот правен факултет вели дека опозицијата едвај и да постои во хрватскиот парламент. Според него, начинот на дејствување на одделни партии од власта е да предизвикаат некаков неред и на тој начин да ја подигнат својата цена заради давањето на сопствениот глас за некој закон.
– Таа е раситнета и разединета, без водство и цел. На ова треба да се додаде и надменото однесување на владејачката коалиција да спроведе сѐ што ќе посака, без разлика на општествената корист. Парламентарните расправи треба да служат како замена за пресметувањето на плоштадите и улиците, односно како ефикасен вид на дејствување на колективната свест и совест. Но тие се претворија во афирмирање на индивидуалните специфичности и приватна корист – вели Крегар.