Парите во Србија се перат преку изградба на станови и трговија со половни автомобили. Со анализата на сомнителните трансакции во 2018-та, кои главно се пријавуваат од банките, е забележан ист начин на перење пари што бил присутен и претходната година, се наведува во Годишниот извештај за работата на Управата за спречување на перењето пари за минатата година.
Од управата наведуваат дека парите од кои имаат непознато потекло, од организиран криминал, како и од индивидуални и сомнителни бизниси, се уфрлаат во изградба на недвижности што имаат регуларна градежна документација. Поголем сомнеж за перење пари има кога се инвестира во изградба на станбено-деловни објекти што немаат градежна дозвола, пренесува „Данас“.
Во такви случаи, вообичаено е да нема надзор над постапката за изградба, а по завршувањето на работите се врши легализација на објектите (становите) што се предмет на продажба, а кое се прави најчесто со плаќање во готово. На овој начин „сомнителните“ финансиски средства се легализираат, а приходите остварени во кеш, како и капиталната добивка, се надвор од контролата на даночните органи, стои во извештајот на Управата за спречување на перењето пари.
Во случај на трговија со автомобили, парите со непознато потекло, за кои се претпоставува дека потекнуваат од нелегална трговија со половни автомобили, се уплатуваат врз основа на заеми од основачот на некоја фирма во корист на правното лице што се занимава со продажба на автомобили.
Правното лице, понатаму, врз основа на фиктивни фактури ги префрла во корист на друго правно лице, од чија сметка се вршат плаќањата кон правните лица во странство за плаќање на купените половни автомобили. Еден од вообичаените начини на перење пари е кога финансиските средства се трансферираат меѓу поголем број правни лица, кои се меѓусебно поврзани. На крајот парите се префрлаат од сметка на правните лица на сметките на физичките лица, а врз основа на откуп на секундарни суровини.
Од Управата наведуваат дека вообичаен начин е физичкото лице да отвори фирма, за извлекување на средствата од правното лице што е под негова управувачка контрола, пренесува „Данас“.