Риба во формалин!

Една петина од примероците на мелено месо набавени во загрепската малопродажна мрежа не ги задоволува законските услови, покажало истражувањето на биотехнолозите од Универзитетот во Риека, Хрватскиот ветеринарен институт и Министерството за земјоделство на Хрватска. Кај земените примероци е забележано зголемено учество на колаген и месни белковини, а мастите биле во дозволените граници.
– Кога ќе купите месо кое изгледа свежо во продавниците, дома ќе сфатите дека половина од количеството е вода, бидејќи во него биле ставени разни раствори. На крајот имате половина од купеното количество, а месото по обработката добива и непријатен мирис – вели нутриционистката Бранка Мирковиќ,
Многу трговци и производители применуваат и „трикови“ за продажбата на риба, а за да биде долго време свежа, тие ја држат во формалин. Посебна манипулација се прави со пекарското сирење, кое се става во бурек и во печива. Ова сирење се прави од пченица и со боја за храна. Исто така, и т.н. пекарски мед е всушност најобичен шеќер, пренесува весникот „Слободна Далмација“.


Вучиќ чудотворецот!

Српскиот претседател Александар Вучиќ не е задоволен од тоа како „глумел“ во предновогодишниот видеоспот на Српската напредна партија, во кое се истакнуваат чудата постигнати во економијата и надворешната политика. Во спотот Вучиќ се појавува со послужавник со чај и на четворицата млади ликови им порачува дека „Србија е едно големо, паметно и силно семејство, секогаш подготвено да гледа кон иднината“. Снимениот материјал предизвика многу потсмешливи коментари на социјалните мрежи, по кои и самиот претседател даде објаснување за неговото „глуматење“ во партискиот спот.
– Не се разбирам во новогодишни честитки, ме тераа да снимам некое видео, така што испаднав како глуматало некое тупаво во сето тоа, така што… Но решија да го емитуваат. Велат дека луѓето гледаат дека сум нормален дека умеам да ја честитам Новата година, претпоставувам дека луѓето мислат дека сум ненормален ако не ја честитам Нова година. Што да правам – објаснува претседателот на Србија.
Еден од актерите во видеото, Никола Цекиќ, на својот фејсбук-профил напиша дека по десет години статус на хонорарен актер и болен татко немал друг избор освен да глуми и во едно партиско видео.