Суботица – Во Србија ќе се гради најголемата електроцентрала на ветар во Европа, која ќе биде во околината на Суботица, а ќе произведува струја за половина милион луѓе. Ветрогенераторите ќе бидат поставени на површина од околу 10.800 хектари. Годишното производство е планирано на 600 МВ електрична енергија. (Б92)

Приштина – Во војната во Косово учествувале 176 припадници на ОВК од Албанија, а не 3.000, колку што се на листата на ветераните, изјави еден од сведоците на завчерашното судско рочиште, кој беше сослушан за случајот за „Лажни ветерани“. („Коха“)

Подгорица – Турското министерство за одбрана на црногорската армија ќе ѝ донира опрема со приближна вредност од 15,5 милиони евра во следните пет години. Турската амбасада во Подгорица потсетува дека Турција и Црна Гора потпишале многу воени договори, вклучувајќи ги и рамковниот договор за соработка во сферите на воената обука, технологија и наука од 2014 година и договорот за соработка во областа на воената индустрија од 2017 година, пренесуваат црногорските медиуми. („Макфакс“)

Белград – Невладината организација „Фонд за хуманитарно право“ (ФХП), која ги претставува жртвите во некои предмети на воени злосторства во Србија, во Белград го претстави својот документ, во кој ги повикува српските судски власти подобро да ги заштитат жртвите на сексуално насилство, во текот на судењата и истрагите, за воените злосторства во поранешна Југославија. („Призма“)


Бисер балкански

За Вучиќ сѐ најдобро

– Самостојно носам одлуки, а тоа ќе го правам и во иднина. Некогаш секојдневно се советувам со претседателот на Србија Александар Вучиќ, затоа што не знам никој со таква визија за Србија и никој што го познава народот во душа. Со него ќе се советувам и да не е претседател на државата. Најголема чест ми е да бидам во неговиот тим, тој е мотор, наметнува темпо на работа и на филозофија дека сѐ се работи во интерес на граѓаните – Ана Брнабиќ, премиерка на Србија, на гостувањето во емисијата „Прашалник“.
На прашањето дали се гледа како иден премиер, таа одговори дека има уште многу да се работи до парламентарните избори напролет следната година.