Приштина – Неопходно е побрзо формирање на новата влада, а тоа е во интерес на Косово и неговите жители и во согласност со Уставот и желбата на гласачите – стои меѓу другото во соопштението на Мисијата на Европската Унија во Косово. Првата конститутивна седница на новиот парламентарен состав е закажана за 26 декември. („Политика“)
Атина – Во 2019 година имавме 4.500 прекршувања на воздушниот простор од турски воени авиони, но и 4.500 пресретнувања од грчки воени авиони – рече министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос, во говорот за време на расправата во грчкиот парламент за буџетот за следната година. (МИА)
Подгорица – Опозицискиот Демократски фронт има план да го спречи изгласувањето на предлог-законот за вероисповед што е доставен до Собранието на Црна Гора. Со овој закон се предвидува црковниот имот за кој не може да се докаже сопственоста да се пренесе во државни раце, а српската заедница во ЦГ смета дека тој е насочен против дејствувањето на Српската православна црква.
– Можат да нѐ победат, можат да нѐ уапсат и да донесат специјалци, ние нема да дозволиме да се гласа за законот – изјави пратеникот Славен Радуновиќ.
Тирана – Aлбанскиот парламент го усвои пакетот закони за спречување клевета, кој предвидува високи казни за онлајн-медиумите и дополнителни овластувања за државните надзорни агенции. Со новите законски решенија, Агенцијата за аудиовизуелни медиуми добива надлежност да казнува и да затвора портали доколку оцени дека објавиле клевета или лажни вести. Против законот се 15 албански новинарски здруженија и невладини организации, кои го повикаа Парламентот да ги отфрли новите закони предложени од Владата, истакнувајќи дека тие ќе ги нарушат слободата на изразување и слободата на медиумите.