Белград – Во регионот, од 2015 година, се регистрирани 625 напади на медиумски работници, од нив 221 се однесуваат на Србија. Информациите за нападите врз новинарите се содржани во базата на регионалната платформа за Западен Балкан, која се залага за медиумски слободи и безбедност на новинарите и застапува 8.000 новинари и медиумски работници од БиХ, Хрватска Македонија, Косово, Црна Гора и од Србија. („Бета“)
Сараево – Првата група државјани на Босна и Херцеговина, кои престојувале во Сирија и во Ирак на деловите од териториите што ги контролираше џихадистичката групација Исламска држава, би требало да бидат депортирани денеска. Се очекува враќање на триесетина лица, од нив седум се жени и 16 деца, додека другите се мажи, но нивната конечна бројка сѐ уште не се знае. („Дневни аваз“)
Белград – Десет приватни стоматолошки ординации и клиники за пластична хирургија добија лиценци со кои ќе можат да се вклучат во проектот за развој на здравствениот туризам во Србија. Во земјата сега има повеќе од 100 приватни ординации, кои учествуваат во проектот зад кој стојат државата и Министерството за здравство, како и националната авиокомпанија, која на пациентите од странство ќе им дава попуст за авиобилетите. („Новости“)
Загреб – Обвинителниот совет на загрепскиот жупаниски суд го потврди првото обвинение против некогашниот сопственик на „Агрокор“ Ивица Тодоровиќ. Со обвинението се опфатени и тројца некогашни менаџери на хрватската компанија, поради начинот на водењето на најголемата хрватска фирма, што предизвика големи финансиски загуби. („Индекс“)
Бисер балкански
(Не)почитување на Твитер
– Немам време и не сакам да се лутам, ни да мразам луѓе што не ме сакаат или немаат добро мислење за мене. Имам премногу работа, сакам да им возвратам со добро на оние што ме поддржуваат и ми даваат енергија. Мојот совет за декември до сите гласи – повеќе позитивна енергија и почитување – Тања Фајон, пратеничка на Европскиот парламент, со реакција на Твитер како одговор на критиките за „необјективност“, што беа искажани од премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.
Тања Фајон и Ана Брнабиќ полемизираа преку социјалните мрежи и по повод повлекувањето на насловната страница на неделникот НИН, на која имаше фотографија од претседателот на Србија Александар Вучиќ како стои пред снајпер, при посетата на фабрика од домашната воена индустрија.