Белград – Повеќе од 26.500 судски процеси застариле во првите шест месеци годинава, а околу 14 илјади минатата година, покажува полугодишниот извештај за работата на судовите, кој беше објавен на сајтот на Врховниот касациски суд. Дури 48.000 граѓани во првата половина годинава поведоа спорови заради заштита на правото на судење во разумен рок. („Новости“)
Атина – Грчкиот парламент даде зелено светло за Законот за право на глас за Грците што живеат во странство. Новиот закон го поддржаа сите партии со исклучок на партијата на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис, МЕРА25, која беше против. (МИА)
Сараево – Според официјалните податоци, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора поседуваат оружје под пропишаниот лимит утврден во Спогодбата за подрегионална контрола на вооружувањето. Лимитот за поседување тенкови, без разлика дали се во функција, за БиХ и за Хрватска е 410, за Црна Гора 77, а за Србија 948 борбени оклопни возила. Реално, армијата на БиХ поседува 325, на Хрватска 232, на Србија 464, а Црна Гора не поседува тенкови. („Кликс“)