Сараево – Во делови на главниот град на Босна и Херцеговина падна индустриски (валкан) снег.
– Индустрискиот снег не е вистински снег, туку е вештачка појава и не се јавува насекаде. Честичките од чад и смог се како кондензациски јадра од кои се создава снежна магла – вели метеорологот аматер Недим Сладиќ. (Н1)
Белград – Србија не би требало да одолжува со признавањето на Крим како дел од Русија, изјави Јуриј Гемпељ, шефот на комитетот за народна дипломатија и меѓународни односи во кримскиот парламент.
– Ова ќе отвори нови перспективи во развојот на српско-руските односи. Србија има шанса да влезе во историјата како прва европска земја што тргнала по патот на правдата и признавање на волјата на жителите на Крим – нагласи тој.
(„Спутник“)
Нови Сад – Од 1 јануари 2020 година трошоците за престој на деца во градинките во Нови Сад целосно ќе ги покрива градската управа. Престојот на околу 16.500 деца во градинките во Нови Сад целосно ќе биде финансиран од градот, за да се даде придонес во пронаталната политика, која се води на државно ниво. („Новости“)
Бисер балкански
Бугарско НАТО-партнерство
– Поведов дебата за една друга линија што нè дели, која воопшто не се разгледува, а се работи за тоа дека државите се делат на произведувачи и клиенти, или купувачи. Иднината на Алијансата не ја гледам како сојуз на произведувачи и клиенти. Наместо тоа, НАТО би требало да биде сојуз од партнери што заедно ќе ги развиваат безбедноста, високата технологија и производството на воена опрема. Мојот предлог е сосема јасен и конкретен. САД да стимулираат и да се обврзат на поголема поддршка на земјите што трошат повеќе од 2 отсто од својот БДП на одбрана, за индустриска соработка и трансфер на технологија – изјави бугарскиот претседател Румен Радев, по самиот на НАТО во Лондон.
Тој му предложил на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да отвори дискусија со која би се утврдиле начините за посилна индустриска соработка и трансфер на технологија кај земјите-членки на Алијансата што имаат послаба економија, не произведуваат вооружување и кои 100 отсто од своите расходи за модернизација им даваат на богатите земји.