Сараево – Речиси 90 илјади граѓани на Босна и Херцеговина се откажале од државјанството, а властите се загрижени дека од година на година примаат сѐ повеќе барања за испишување државјани од матичните книги.
Годинава од своето државјанство се откажале 3.735 лица. Според министерството, повеќето поранешни граѓани на БиХ станале Германци, Австријци, Словенци, Норвежани, Чеси. („Аваз“)

Белград – Владата на Србија предложи измени на Законот за изградба на станови за припадниците на безбедносните сили, со кои максималната катност од шест се зголемува на осум ката плус поткровје. Претседателот на државата Александар Вучиќ во октомври лани презентираше резултати од истражувања, според кои во повеќекатниците има помалку деца, па затоа објасни дека ќе се градат четирикатници, со исклучок на Белград и Нови Сад, во кои ќе се градат петкатници. (Н1)

Софија – Бугарската влада одобри дополнителни средства за Министерството за одбрана за 2019 година во висина од 16 милиони лева за набавка на осум летала. Бугарија е втора земја, според критериумите на НАТО, и годинава таа издвоила 3,1 отсто од БДП за потребите на одбраната, изјави премиерот Бојко Борисов. („Труд“)

Приштина – Високата претставничка на ЕУ во Косово Наталија Апостолова порача дека конечниот договор Белград – Приштина треба да биде сеопфатен, ефективен, во согласност со меѓународните конвенции и вредностите на Унијата.
– Најважно е косовската влада да се формира што е можно поскоро за да може дијалогот меѓу Белград и Приштина наскоро да биде продолжен – рече Апостолова. („Косово.онлајн“)


Бисер балкански

Премиер за разочарување

– Курти ќе биде премиер на големи разочарувања. Моето мислење е дека тој ќе биде слаб и разочарувачки премиер. Управувањето не е идеологија со која треба да се занимава, бидејќи управувањето е извршно. Тоа подразбира поставување теми, вклучување во јавна расправа, начин на живот. Правењето дневен ред е нешто друго. Кај Курти не гледам менаџерски и управувачки капацитети – личен став на поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај, за очекувањата од новата косовска влада, која ќе ја предводи Албин Курти, лидерот на Самоопределување.