Белград – Претставници на Србија и на Белорусија, во присуство на претседателите на двете држави, Александар Вучиќ и Александар Лукашенко, вчера во Белград, потпишаа седум договори и меморандуми за соработка во повеќе области. Меѓу нив е и договорот за испорачување на осудените лица што се наоѓаат на нивните територии. („Танјуг“)
Приштина – Косовското специјално обвинителство поднесе обвинение до судот во Косово против шест лица за убиството на лидерот на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, кое се случи на 16 јануари минатата година. Меѓу обвинетите, четворица се полицајци. Тројца од обвинетите се во притвор, а другите тројца се во бегство и за нив има распишано меѓународна потерница. („Нетпрес“)
Загреб – Штрајкот на синдикатите на вработените во просветата во Хрватска, кој траеше речиси два месеца, заврши само за наставниот персонал, кој ги прифати условите за покачување на платата предложени од хрватската влада. Од овој исход незадоволни се некои од синдикалните членови поради тоа што на ненаставниот персонал нема да му бидат зголемени коефициентите за сложеност на работата, туку ќе добијат додатоци на плата. („Индекс“)
Белград – Четири борбено-транспортни хеликоптери „ми-35М“ ѝ се испорачани на Република Србија. Леталата беа транспортирани до воениот аеродром во Батајница со тежок воено-транспортен авион „ан-124 руслан“. („Спутник“)
Бисер балкански
Нечовечки услови
– Состојбата во Вучјак е нешто што е целосно ново за нас. Ова не сум го видел во мојата долга кариера. Се срамам од тоа што се случува во мојата земја. Условите не се за луѓе. Ова е срамно, не можам да верувам дека вакво нешто е формирано во Босна и Херцеговина. Не сакам да зборувам за нашата историја и за сето тоа што го преживеавме како бегалци. Овој камп мора да се затвори денеска – Дуња Мијатовиќ, комесарка за човекови права во Советот на Европа, по вчерашната посета на импровизираниот камп за мигранти во Вучјак кај Бихаќ.