Белград – Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, на 2 и 3 декември ќе престојува во дводневна посета на Србија. Тој ќе има средба во четири очи со својот домаќин и претседател на Србија Александар Вучиќ, по што ќе следува церемонијата за размена на потпишаните билатерални документи. (Танјуг)

Бања Лука – Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик изјави дека Советот за спроведување на мирот не може да донесува одлуки во врска со мигрантската криза во БиХ.
– Постои одлука на властите во Република Српска на нејзината територија да не се прават центри за мигранти и така ќе биде – изјави Додик. (РТРС)

Белград – Од први декември ќе почнат да се применуваат одредбите од најрадикалните измени во Кривичниот законик на Србија, вклучувајќи и нов вид кривична санкција – доживотен затвор за убијците на деца, со што се менува сегашната најстрога казна од 30 до 40 години. (РТС)

Приштина – Шведскиот државјанин Ларс Гунар Вигемарк е новиот шеф на мисијата ЕУЛЕКС на Косово од први декември, соопшти европската служба за надворешни работи. Вигемарк ќе биде задолжен да им помага на косовските институции во реформите во владеењето на правото како и да постигнат поголема ефикасност, одржливост, одговорност и ослободување од политичко и партиско влијание, во согласност со европските правила. Мандатот на Вигемарк трае до 14 јуни 2020 година.


Бисер балкански

Вечниот градоначалник

– Сите овие години ја извршував својата работа во корист на моите сограѓани. Сите се знаеме на овие простори. Нивната поддршка, која ја имам сите овие години, е најдобра потврда за тоа дека моите соработници и јас работиме добро за ова место и за интересите на граѓаните. Тие секогаш го препознавале и го оценувале тоа на изборите. Не ми пречат споредбите со Тито, тој остави значајна трага кога е во прашање животниот стандард на граѓаните на просторите на поранешна СФРЈ – Живорад Милосављевиќ, претседател на општината Сопот, носител на рекордот за најдолго извршување на функцијата како прв човек на оваа белградска општина. Првпат бил избран во 1989 година и опстанал во четири држави.