Сараево – Дирекцијата за полиција и криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Српска (МУПРС) поднесе извештај против А. З. од Сараево, под сомнение дека сторил кривични дела за неовластен пристап до приватни профили на Фејсбук и Инстаграм. По преземањето на профилот, тој пронаоѓал експлицитни фотографии на жртвите, со што ги уценувал и барал да му исплатат пари за да не ги објави. („Аваз“)
Загреб – Над 88 отсто од членовите на синдикатот на наставниците и професорите ја отфрлија понудата на Владата на Република Хрватска за зголемување на платите за 10,4 отсто, во што ќе биде пресметано и претходното ветување за зголемување на платите на сите вработени во државниот сектор за 6,11 отсто. (Хина)
Белград – Србија купи од Кина вооружени беспилотни летала од марката „ЦХ-92А“, кои се користат за извидување и снимање на терен, но може да носат бомби и ракети. Кинеското летало ќе биде комплементарно со беспилотното летало „пегаз“, кое се развива во Србија и сѐ уште е во фаза на доработување. („Блиц“)
Приштина – Околу 1.000 луѓе од просторите на Западен Балкан престојувале или сѐ уште престојуваат на воените подрачја на Блискиот Исток, се наведува во текстот на порталот Балканска безбедносна мрежа, повикувајќи се на податоците на центарот за борба против тероризмот „Вест поинт“. („Данас“)
Бисер балкански
Аферите посилни од резултатите
– Станува збор за хиперинфлација од афери, така секоја нова ја поклопува претходната што ја измислила опозицијата. Не само што не можеме да одговориме на толкав број афери, туку и проблем е што не можеме да говориме за резултатите. Ќе ги советувам министрите да не одговараат со афери, туку да одговараат со постигнати резултати – Ана Брнабиќ, претседателка на српската влада, за зачестените информации во медиумите во кои се упатува на можни злоупотреби на претставниците на актуелната власт.