Дубровник – По обилните дождови и силните морски струи, плажите во Далмација се преполни со ѓубре, кое пристигнало од Албанија. Зголемениот водостој на реките го донесе сиот отпад што бил заробен во речните корита. Јужна Далмација е особено загрозена од приливот на ѓубре секоја есен, за што има и одобрено средства од Европската Унија за решавање на овој проблем, но засега тоа е без успех. („Далмација данас“).

Сараево – Меѓународниот монетарен фонд нема да го продолжи сегашниот продолжен аранжман за Босна и Херцеговина и ќе предложи заклучување нова програма затоа што во меѓувреме значително се промениле условите, изјави новиот претставник на Мисијата на ММФ во БиХ, Ендрју Џуел. (Хабер)

Софија – За живот на четиричлено бугарско семејство месечно се потребни во просек по 2.472 лева, а годинава овие трошоци пораснале за 63 лева, поради повисоките цени на прехранбените производи, пред сѐ на лебот и месото, објави државната статистика на Бугарија. („Актуелно“)

Приштина – Директорот на канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада, Марко Ѓуриќ, изјави дека кандидатот за косовски премиер Аљбин Курти од ден на ден потврдува колкава опасност претставува за стабилноста на регионот и на цела Европа. Последната изјава на Курти се однесува за релациите меѓу Подгорица и Приштина, за кои рече дека „се многу добри, но со договорот за разграничување на Косово е нанесена голема штета“. (РТС)


Бисер балкански

Фабрика на љубовта
– Секој ден ги бројам срцата кога одам на работа и кога се враќам. Не можат, а да не се забележат. Навистина се убави – коментар на еден работник за срцата што непознат автор ги насликал на улицата што води до влезот на една фабрика во Прокупље.
Меѓу граѓаните на овој град во Србија кружат различни приказни за причините за можниот уличен уметник. Од тоа дека некој на оригинален начин сака да ѝ го привлече вниманието на некоја жена, а многумина веруваат во тоа дека 21 срце имаат врска со оваа фабрика што е отворена во 2009 година и во која работат 3.000 лица. Неофицијално таа е наречена и фабрика на љубовта, затоа што во неа се ангажирани голем број жени, а и поради самиот факт дека наталитетот во градот пораснал откако е отворена.