Бихаќ – На подрачјето на Унско-санскиот кантон во Босна и Херцеговина од вчера е воведен делодневен полициски час за мигрантите. Ова значи апсолутна блокада за движење на мигрантите од прифатните центри во Бихаќ и Велика Кладуша. Од ОН апелираат да не се затвораат камповите, што може да донесе до анксиозност, страв и поголеми тензии што ќе ескалираат во протести на мигрантите. („Вести.онлајн“)

Бања Лука – Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави дека Народното собрание на Република Српска е одлучно, во рамките на своите овластувања, да ги поврати одземените надлежности – од војската до индиректните даноци. Додик истакна дека бошњачката политичка елита не сака да го прифати постоењето на Република Српска, туку постојано ја опструира, во што има значителна помош од меѓународните претставници што прават сѐ да ја развластат РС и да го засилат државното ниво на БиХ. (Радио Сараево)

Загреб – Од почетокот на декември околу 200 илјади граѓани во Хрватска, главно од руралните подрачја, може да останат без постојните автобуски линии, поради усогласување со ЕУ-директивите за либерализација на превозот со кој се укинуваат субвенциите на превозниците што не се во доменот на јавни услуги. („Пословни дневник“)

Атина – Властите на Самос, грчки остров на првата линија на миграција од Турција, предупредуваат за евентуални немири доколку итно не бидат решени, како што велат, „примитивните“ услови во пренатрупаниот камп на островот. Илјадници од нив се во потрага по место во ридовите над градот, правејќи импровизирани домови од секаков материјал што можат да најдат. („Та неа“)


Бисер балкански

Иселена земја

– Ние се „колеме“ за територија на која сѐ помалку луѓе сакаат да живеат. Овде еднакво мислам и на Србите и на Албанците. Тоа се вистинските прашања и тоа мора да биде главна мисла на сите државни функционери што се занимаваат или во иднина ќе се занимаваат со прашањето на Косово. Прашање е зошто Србија не би го признала Косово доколку се исполнат условите што се однесуваат на овозможување на враќањето на Србите и почитување на правата, решавање на прашањето за имотот, положбата на црквата, заштитата на културното наследство, кое е непроценето, и други важни теми – Сергеј Трифуновиќ, српски актер и претседател на опозициската партија Движење на слободни граѓани.