Приштина – Стапката на наталитетот во Косово паднала за 30 отсто, за пет години. Главните фактори што се сметаат за виновни за падот на наталитетот во Косово се тешките економски услови, Законот за породилно отсуство, планирањето семејство, државните политики и најголемата миграција на Балканот и во Европа. Во 2018 година се регистрирани 22.761 раѓање. („Бота Сот“)

Загреб – Бугарите и Хрватите се најнезадоволни граѓани во Европската Унија, покажа најновото истражување на Евростат. Просечната општа оцена на квалитетот на животот во 2018 година во Хрватска е 6,3, а во Бугарија е 5,4. Просечната оцена на квалитетот на животот на граѓаните во ЕУ во 2018 година изнесува 7,3.

Софија – Бугарија го гради гасоводот „Балкански тек“ со Турција и со Грција, од Александрополос до Димитровград, со динамика од пет километри дневно за да се заврши до мај, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов, најавувајќи дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ја посети Софија следната недела за да се увери како напредуваат работите. Доколку се случи гасна криза, како што е најавено, Бугарија има договор со Русија до 2030 година за испорака на гас до Турција. (Телевизија Прва)

Подгорица – Црногорското министерство за одбрана ќе ја искористи турската донација од 15 милиони евра за купување 80 товарни моторни возила. („Побједа“)


Бисер балкански

За доматите и за малиот шенген

– Вучиќ повеќе се грижи како Албанецот да го продаде својот производ во Србија, отколку за српските селани да го продадат својот домат. Тој не знае дека албанските производители на зеленчук, па и на домати, на пазарите во Србија во последните неколку години им се главна конкуренција на српските селани. Претседателот со неговата изјава ги навреди српските земјоделци – Мирослав Алексиќ, потпретседател на Народната парија, и неговата реакција на „срамната и скандалозна изјава на претседателот на Србија, дека малиот шенген ќе им овозможи на производителите на домати од Албанија да заработат со олеснување на извозот меѓу земјите-членки, во идната економска заедница на Балканот.