Атина – Одлуката на грчката влада да ги префрли на копно мигрантите од преполнетите острови во Егејско Море доведе до одреден отпор кај локалното население, кое се обидува да го спречи нивното сместување во хотели на во северна Грција. На антимигрантскиот собир во Солун протестираа стотина десничарски екстремисти. (РСЕ)

Драч – Врнежите од дожд што ја зафатија Албанија предизвикаа проблеми во неколку албански градови, a пообилните врнежи беа доволни улиците на крајбрежниот град Драч да пливаат во вода, јавуваат албанските медиуми. (Нетпрес)

Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера во Белград се сретна со американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Метју Палмер. По посетата на Скопје и Приштина, Палмер изјави дека САД нема да наметнуваат решение на односите меѓу Белград и Приштина и нема да има конечно решение додека двете земји не постигнат договор и тоа не го потврдат двата парламенти. (РТС)


Бисер балкански

Торта за гробарите

– Идејата да станам гробар ја добив на почетокот на деведесеттите кога работев во железница. Еден колега почина и сфатив колку има проблеми телото на покојникот да се донесе од странство. Имав поинаков концепт од другите погребни претпријатија. Првата е што му ја исполнував секоја желба на семејството на починатиот. Втората е што никогаш не ги прашував дали имаат пари за погребот – Радиша Михаиловиќ-Дрнда, најпознат српски гробар, кој популарноста ја стекнал со организирање на погребот на Слободан Милошевиќ. Михаиловиќ има фирма што е специјализирана за транспорт на починатите Срби од странство, а тоа го прави со „мерцедес“. Неговото пензионирање беше одбележано на „10-та гробаријада“ во Пожаревац, и по тој повод беше направена торта од 60 килограми во форма на мртовечки сандак.