Белград – Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) потпиша договор за слободна трговија со Србија, со кој целосно се усогласуваат условите за трговија на Белорусија, Казахстан и Русија со Србија, со која овие земји веќе имаат билатерални договори за слободна трговија, но се создава и еквивалентен режим на промет на ерменски и киргистански производи, кои претходно немаа предност на српскиот пазар. (РИА „Новости“)

Атина – Агенцијата „Стандард и пурс“ го надгради кредитниот рејтинг на Грција од Б+ на ББ-, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис коментира дека ова покажува дека грчката економија сè посилно расте. Но ако владата продолжи со имплементација на структурните реформи што го зајакнуваат потенцијалот за економски развој на земјата и одржливоста на јавните финансии, тогаш во следните 12 месеци би можеле одново да го подигнат рејтингот на Грција. („Нетпрес“)

Загреб – Хрватска сигурно нема да стане центар за голем број мигранти, со што би се сменил начинот на живот на сите граѓани во земјата, изјави Давор Божовиќ, министерот за внатрешни работи на РХ. Тој предупредува на дополнително влошување на состојбата доколку Босна и Херцеговина не успее да ја заштити нивната источна граница. („Јутарњи лист“)

Софија – Вчера во Бугарија се одржаа избори за општински советници и градоначалници во сите 265 општини, во 28 окрузи во целата земја. На претходните избори во Бугарија во 2015 година, партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов освои најголемо мнозинство, околу 34,5 проценти од гласовите. (БТВ)


Бисер балкански

Јалта во Белград
– На почетокот на годината предложив во 2020 година да се случи нова Јалта, по примерот на собирот во 1945-та. Идејата е тројцата главни национални лидери на светот, Владимир Путин, Доналд Трамп и Си Џинпинг, да одржат глобална меѓународна конференција, на која би се воспоставил праведен систем на меѓународните односи. Најдобро е овој историски состанок да се одржи во Белград, затоа што нема подобро место за договор за прекинувањето на судирите. Овде е и споменикот на рускиот цар Николај, кој се залагал за свет без војна и оружени судири – Игор Панарин, академик и стручњак за современи видови војни, кој предлага историска лидерска средба, која ќе доведе до решавање на спорот со Косово.