Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама најави дека ќе го тужи косовскиот премиер во заминување Рамуш Харадинај за клеветата дека „ќе дели десет милијарди евра за поделбата на Косово со Вучиќ и Тачи“. (КоСев)
Белград – Србија е траен сојузник на Москва на Балканот и затоа ниедно прашање во регионот, како што е косовското, не може да се реши без Русија, изјави рускиот генерал Сергеј Липовој, по повод воената вежба „Словенски штит 2019“, на која е претставено руското оружје „панцир“ и „С-400“, кои првпат учествуваат на некоја воена вежба во странство. („Расискаја газета“)
Сараево – Околу два милиона луѓе се иселиле од Босна и Херцеговина, и тоа најчесто во Хрватска и во Германија. Според овие податоци, надвор од границите на БиХ живеат најмалку два милиона луѓе, што е 56,6 отсто споредено со 3,53 милиони жители. Ова се податоци изнесени од Владата на Федерацијата на БиХ во нејзиниот последен извештај, кој е претставен во состав на Стратегијата за соработка со иселениците, а се однесува на податоци од 2017 година. (Хина)
Бисер балкански
Диктирана вистина
– Во општество какво што е Србија чест е впечатокот дека власта може сѐ и тие само ќе издиктираат што е вистина и тоа е вистина. Но реалноста е поинаква. Се обидуваш да провериш што е вистина. Да кажеме одиш на Косово, и гледаш има некоја граница, гледаш има полиција, нешто се случува, има некоја влада, некои избори… Постојат луѓе што се прават дека не веруваат во она што го говори власта. Но има и други што се навлечени на тоа некој да ги лаже и веруваат дека нешто добро се прави за Србија – Ненад Чанак, претседател на Лигата на социјалдемократи на Војводина.