Љубљана – Словенечката влада ја забрзува кампањата за вакцинација против ковид-19, така што центрите за имунизација ќе бидат отворени за секого од 8 до 22 часот. Епидемиолозите предупредуваат дека доколку не се зголеми вакцинацијата, есенскиот бран може да биде полош од минатата година поради делта-варијантата. Пожелно е најмалку 90 проценти од возрасната популација да се вакцинираат, објави научниот институт „Јожеф Штефан“, кој за Владата прави прогнози за епидемијата. (СТА)

Загреб – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја повика Хрватска да се приклучи на Програмата за ослободување од визи, што е важен чекор кон укинување на визите за хрватските граѓани при влез во Соединетите Американски Држави.
– Ја номинирав Хрватска да ѝ се приклучи на Програмата за ослободување од визи. Овој чекор кон патување без визи го признава огромниот напредок на Хрватска во исполнувањето на строгите стандарди за земјите учеснички – објави Блинкен на Твитер.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му се заблагодари на Блинкен за поканата. („Хина“)

Белград – Потпретседателот на Главниот одбор на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, изјави дека до Државното јавно обвинителство ќе бидат испратени кривични пријави против претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и министерот за внатрешни работи Александар Вулин, поради доказите што излегоа во медиумите што ги поврзуваа српските функционери со криминалната група на Вељко Беливук. Вучиќ веќе го најави овој потег, велејќи дека на тој начин ќе се потврди дали тој и Вулин соработувале со Беливук. (Н1)


Бисер балкански

Сладолед со пестициди

Поради масовното повлекување храна од продавници, во Министерството за земјоделство на Хрватска се одржал итен состанок. Од петокот од продажните рафтови се повлечени десетина различни артикли од крекери, кекси, јогурт и повеќе видови сладолед во различни пакувања од неколку производители. Причината за оваа одлука е присуството на пестицидот етилен оксид што се користи во производството, а кој сега не е во согласност со уредбата на Европската комисија.
– Ако спорниот пестицид е забранет во прехранбената индустрија, како воопшто се нашол во храната? Овој пестицид претходно бил пронајден и во компирот и краставиците, а сега и во млечните производи. Ова стана зачестено, а лани имавме само 58 повлечени производи, додека во последните два дена имаме 11 – велат од Здружението за заштита на потрошувачите во Хрватска, пренесува „Деловен дневник“.