Брисел – Португалија, земјата-претседавач со Европската Унија, состави нов список на потенцијални безбедни земји од ковид-19, кој ги вклучува Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, дознава РСЕ од дипломатски извори.
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ го одобриле списокот и оваа одлука ќе стапи во сила до крајот на оваа недела, што значи дека граѓаните на овие земји, вклучувајќи ги и оние што не биле вакцинирани, можат да патуваат во земјите-членки на ЕУ. („Алсат М“)

Софија – „Ова е голем пеколен план. Само во Венецуела Мадуро стана претседател благодарение на машините што се наоѓаат во Бугарија. Во моментов, машините се во рацете на овие луѓе. Нема такви машини во цела Европа. А ние од министерот Бојко Рашков очекуваме фер избори. Да, сега ќе има наместени избори“, изјави Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ, на предизборното претставување во Добрич.
Парламентарните избори во Бугарија се закажани за 11 јули. („24инфо“)

Атина – Температурите во Грција значително ќе се зголемат во следните неколку дена, кои ќе достигнат до 43 и 44 степени Целзиусови, покажуваат најновите податоци на метеоролошката служба на Атинската национална опсерваторија.
Максималните температури во централните и во јужните делови на земјата вчера достигнаа меѓу 39 и 41 степени Целзиусови, додека на северот од земјата тие ќе се движат од 36 до 38 степени. (АНА)


Бисер балкански

Историска „битка“ за Косовската битка

– Изјавата на госпоѓа Читаку во ништо не се заснова на содржините на српските, османлиските, византиските и/или западноевропските пишани извори и сведоштва, врз основа на кои историската наука ги црпи своите сознанија за Косовската битка. Во Првата косовска битка се судриле српската и османлиската војска, а никако некаква балканска, која тогаш, а ни сега, не можела ниту да постои – вели историчарот Дејан Ристиќ, в.д. директор на Музејот на жртвите на геноцидот во Србија.
Тој за „Вечерњи новости“ ја оцени изјавата на поранешната амбасадорка на Косово во Вашингтон, Вљора Читаку, како уште една „во низата срамни псевдонаучни, политикантски и големоалбански памфлети, кои за крајна цел имаат отворено и целосно прекројување на иднината на српскиот народ“.