Панорама

Тирана – По петнаесет месеци од првите два потврдени случаи со ковид-19, се чини Албанија се збогува со опасниот вирус. По ниските едноцифрени бројки на новозаразени на дневно ниво, во изминатото деноноќие првпат вирусот е дијагностициран само кај едно лице од направените 1.542 теста. Првпат најмала е и бројката на хоспитализирани. Од активните 107 случаи, во Инфективната клиника се третираат само тројца ковид-пациенти.

Белград – Британската амбасада во Белград негира дека е потпишан договор со Министерството за одбрана на Србија за спречување на влијанието на Русија во земјата. „Дејли телеграф“ на 18 јуни објави дека британскиот министер за одбрана, Бен Валас, во интервју за време на неговата посета на Србија изјавил дека двете земји потпишале важен договор за блокирање на влијанието на Русија и дека Велика Британија ќе ѝ помогне на Србија да се спротивстави на „злобното влијание“ и „манипулацијата“ на Русија. Амбасадата, во писмената изјава за РСЕ, негира дека Велика Британија потпишала таков договор.

Атина – Земјотрес со јачина од 5,7 степени по Рихтер ги погоди Додеканските Острови во Грција и пограничната област со Турција. Како што соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, епицентарот на земјотресот бил во Егејско Море, на длабочина од два километри. Земјотресот се почувствувал на островите на југоистокот на Егејско Море, вклучувајќи ги Кос, Родос и Крит. Нема извештаи за евентуални жртви или причинета материјална штета.

Подгорица – Лидерите на партиите што го сочинуваат парламентарното мнозинство во Црна Гора ќе се состанат в четврток за да разговараат за понатамошните чекори, со цел надминување на актуелната политичка криза, предизвикана од усвоената резолуција на црногорскиот парламент за геноцидот во Сребреница. Резолуцијата беше предложена од Бошњачката партија и опфаќа осуда на извршениот геноцид врз муслиманите во Сребреница од страна на српските воени сили за време на граѓанската војна во Босна во деведесеттите години на минатиот век. На оваа резолуција му претходеше неколкумесечното натегање на министерот за малцинство во владата на Кривокапиќ, Владимир Лепосавиќ.