Софија – Претседателот на Република Португалија, Марсело Ребело де Соуза престојува, е во официјална посета на Бугарија по покана од бугарскиот претседател Румен Радев. Претседателите на Бугарија и на Португалија прво ќе имаат средба лице в лице, по што ќе се одржат пленарните разговори меѓу двете официјални делегации. (МИА)

Загреб – Во Хрватска е пронајден сојот на коронавирусот, кој првпат е откриен во Индија, но се работи за индивидуални случаи и властите тврдат дека нема простор за паника.
– Индискиот вирус е откриен пред неколку дена во Сплитско-далматинската Жупанија, но ова се индивидуални случаи и нема простор за паника – истакна Ива Пем Новосел од хрватскиот Институт за јавно здравје. („Индекс“)

Тирана – Албанската полиција извести дека запленила големо количество експлозив, а притоа биле уапсени познати криминалци и бил одземен целиот арсенал на оружје. Полицијата заплени 4,6 килограми експлозив во Драч и уапси три лица, информираат истражните органи во Албанија. Покрај експлозив, биле запленети и три гранати, еден „калашников“, четири мобилни телефони, пет детонатори и едно возило. („24 часа“)


Бисер балкански

Депозит од 5.000 евра за студирање

За странските студенти во Словенија во иднина нема да биде доволна само дозвола од родителите туку и задолжителен депозит од пет илјади евра на банкарска сметка за една школска година. Овој услов, како што пренесе словенечката државна агенција, е содржан во промените на Законот за странци, со кој со уплата на овој износ странските студенти можат да добија дозвола за престој во Словенија.
Амандманот на овој закон е усвоен во март годинава, а Студентската организација на Словенија предупреди на штетноста што ќе го има словенечкото високо образование. Претседателот на Студентката организација, Андреј Пирјавец, за РТВ Словенија изјави дека застанале во одбрана на странските студенти, бидејќи, како што вели, сакале да ги привлечат најперспективните студенти, кои ќе го подобрат словенечкото високо образование, како и словенечкиот пазар на трудот.
Според последните податоци на надлежните статистички служби, во Словенија сега студираат 8.125 странски студенти, што е околу десет отсто од вкупниот број студенти.