Загреб – Екоактивистот и актуелен пратеник од редовите на политичката партија Можеме е новиот градоначалник на Загреб, кој со над 65 отсто од изборните гласовите го порази противкандидатот, музичарот и ТВ-водител Мирослав Шкоро од партијата Татковинско движење.
– Отсега нема веќе недопирливи. Ако јас лично погрешно го паркирам автомобилот, очекувам да ме казнат комуналните редари. Истото тоа ќе важи и за мојата сопруга и моите најблиски соработници. Жителите на Загреб веднаш ќе ги почувствуваат промените – рече Томашевиќ. („Индекс“)
Тирана – Координаторите на пратеничките групи во албанскиот законодавен дом, одлучија седницата за разрешување на претседателот Илир Мета да се одржи на 9 јуни. Според парламентарната анкетна комисија, претседателот Мета дури 16 пати ги прекршил уставните надлежности, пред и по парламентарните избори на 25 април, што главно било утврдено од процената на неговите изјави и објави во медиумите и на социјалните мрежи.
Гласањето за разрешување на шефот на државата, што се случува првпат во плурална Албанија, ќе биде тајно, а според членот 88 од Уставот се потребни две третини од вкупниот број пратеници, односно 94. („Алсат“)
Бисер балкански
„Кафени беретки“ на Балканот
Новата специјализирана единица на американската војска СФАБ, позната како „Кафени беретки“, учествува на вежбата „Бранител на Европа 21“, која се одржува на Балканот. Единицата е формирана за соработка со земјите во светот и претставува одраз на политиката за потиснување на Русија и Кина во регионите што се важни за Вашингтон, информира порталот „Балканска безбедносна мрежа“.
Во Босна и Херцеговина и во Косово е испратен по еден тим, а во Македонија и во Албанија по три тима. Нивната задача е поддршка во обуката на сојузничките структури на безбедност, од чисто борбени единици, полицијата, царината и друга служба. Нивната примарна задача е обука на борбените единици на пријателските војски и полиции. Еден маневарски тим е составен од 12 лица што се обучени за различни активности со мини, воено-полициски работи, разузнавачко дејствување, логистика и одржување, врски и медицина.