Брисел – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, вчера изјави дека Европската Унија е подготвена да ја поддржи пругата од Белград до Северна Македонија.
Фон дер Лејен се состанала со српскиот претседател Александар Вучиќ вчера во Брисел, а агендата на разговорите вклучувала забрзување на патот на евроинтеграцијата на Србија преку примена на нова методологија за пристап, како и забрзување на реформските процеси, особено напредокот на владеењето на правото во Србија. („Спутник“)
Подгорица – Поранешниот црногорски министер за економија Бранко Вујовиќ е уапсен вчераутро, по наредба на Специјалното државно обвинителство. Покрај Вујовиќ, приведени се уште 11 лица. Вујовиќ беше министер за економија од 2009 до 2013 година, во периодот кога беа издадени гаранции за фабриката за алуминиум во Подгорица. („Вијести“)
Тирана – Претседателот на Социјалдемократската партија, Том Доши, се повлече од трката за пратеник и се откажува од пратеничкиот мандат. Тој беше рангиран на второто место на изборното ливче во изборната единица Тирана, додека во ИЕ Скадар е прв на изборното ливче. Доши е на „црната листа“ на САД поради што американската амбасадорка Јури Ким бараше да не се прифати неговата кандидатура за пратеник од страна на ЦИК.
(„24 часа“)
Бисер балкански
Патриотско-романтичарска приказна
– Во амбиент на изразени патриотски пораки, мошне тивко можат да се разберат голем број прашања што ги поставуваат учените луѓе, тие што знаат дека која било земја тешко може да се (од)брани стихијно, особено, како во случајот со нонпејперот, кога не се знае кој сѐ стои зад настојувањето таа да се разгради и подели и од каде нејзините патриоти можат да очекуваат подмолен напад. Патриотизмот не е во прашање, но во прашање се дилемите дали тие што најгласно повикуваат на нејзина одбрана, а тоа се високите функционери и лидери на највлијателните политички сили што во секоја пригода за колнат во Босна и Херцеговина, во сите години од Дејтон до денес направиле нешто за патриотите за да можат да ја бранат – пишува Амир Шушањ, новинар и уредник на Радио БиХ.
Тој во колумна за „Ал џезеира“ се осврнува на новата „патриотско-романтичарската приказна во која на браникот на татковината во калта од рововите ќе стојат туѓи деца во патики, кои ќе се јават на патриотскиот повик од недопирливите лидерски височини и ќе застанат пред цевките на тие што сакаат да ја растргнат земјата“.