Атина – Жестоки судири меѓу мигранти избувнале предминатата ноќ на грчкиот остров Самос, каде што дошло до тепачка во која било користено студено оружје меѓу групи Авганистанци и Сиријци. Во нередите три лица се повредени и запалени се шатори во мигрантскиот камп. („Њуссит.гр“)

Загреб – Министерството за внатрешни работи на Хрватска ќе набави седум нови беспилотни летала, од мал среден и од голем домет, а вкупната вредност на набавката изнесува 2,69 милиони евра. („Пословни“)

Приштина – Партијата Демократски сојуз на Косово предводена од Иса Мустафа, која освои 5.000 гласа помалку од Самоопределување, бара во новата влада на Косово да има четири министерства повеќе од движењето на Албин Курти, доколку тој го добие премиерското место. („Коха диторе“)

Сараево – Од 2022 година државјаните на Босна и Херцеговина покрај пасошите при влез во Европската Унија мораат да го скенираат показалецот од едната рака, а при првото влегување на територијата на европската заедница ќе треба да го скенираат и лицето и да остават отпечатоци од четири прста од една рака. Тоа е мерката што беше објавена во Варшава на конференцијата во организација на Фронтекс, која ја потврди директорот на Граничната полиција на БиХ Свевлад Хофман. („Кликс“)

Софија – Пензиите во Бугарија во 2020 година ќе бидат зголемени за 6,6 отсто, со што средната пензија ќе порасне за 30 лева и таа ќе изнесува 412 лева (едно евро е 1,80 лев). („Труд“)


Бисер балкански

Селски жени

– Не е лесно да се биде жена каде било на светот, но да се биде жена од село е посебен подвиг и предизвик. Тие се херои на денешницата. Денеска треба да ги славиме сите жени што живеат и се борат на село, бидејќи тие се столбови на опстанокот и развојот на српското село – Зорана Михајловиќ, потпретседателка во српската влада и претседателка на Координационото тело за родова рамноправност, по повод Меѓународниот ден на селските жени.