Тирана – Познатиот албански инфектолог и заменик-директор на Институтот за јавно здравје, Дритан Улќинаку, потврди дека во Албанија циркулира мутација на коронавирус, но оти сè уште не е прецизно идентификувана.
– Тоа е коронавирус, но различен од коронавирусот што циркулираше досега во нашата земја. Но сè уште не сме во можност да кажеме дали е од Бразил или од Јужна Африка или Англија – изјави Улќинаку. („Еуроњуз Албанија“)

Атина – Од Министерството за туризам на Грција посочија дека се воделе прелиминарни разговорите меѓу министрите за туризам на Грција и Србија за време на нивната завчерашна онлајн средба за сертификатот за вакцинација и не постоел конечен договор за отворање на морето за српските туристи, ако претходно се вакцинираат против ковид-19. Од грчкото министерство за медиумите соопштиле дека не постои конечен договор. („Локално“)

Приштина – Лидерот на движењето „Самоопределување“, Албин Курти, нема да може да учествува на претстојните парламентарни избори во Косово и Метохија, бидејќи избирачкиот одбор за жалби и петиции во Приштина донесе одлука кандидатите што биле осудени во последните три години да немаат право да учествуваат. Оваа одлука е донесена врз основа на жалбите на сите партии и врз основа на одлуката на Централната изборна комисија. („Коха“)


Бисер балкански

Дискредитиран дијалог

– Тие треба да го потпомогнат тој дијалог, а не да се ставаат на нечија страна. На некој начин ја изгубија објективноста. Како некој може да смета дека Фајон е објективна – вели Ивица Дачиќ, претседателот на српското собрание, за улогата на претседателката на Парламентарниот одбор за стабилизација и придружување на Србија кон ЕУ, Тања Фајон, за која, како што рече, таа самата се дискредитирала од учество во меѓупартискиот дијалог меѓу власта и опозицијата во Србија.
Деновиве Фајон изјави дека официјален Белград барал нејзино изземање во дијалогот меѓу европските и српските парламентарци. Како што рече, „тоа е неприфатливо за Брисел“, бидејќи ЕУ има јасни интерни правила за претседавањето во Парламентарниот одбор.