Тирана – Албанскиот премиер, Еди Рама, не очекува Албанија идната недела да добие датум за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, доколку реално се согледаат случувањата во заедницата, и додава дека неговата земја е колатерална штета. (Макфакс)

Софија – Министерството за здравство во Бугарија има за цел бројот на донори на човечки органи во една година да достигне меѓу 80 и 100. Ова беше објавено на Светскиот ден на донациите и беше соопштено дека земјата е рангирана на последното место во трансплантацијата од сите европски земји, во исто време, кога над 1.000 луѓе чекаат за трансплантација за да добијат нова шанса во животот. (БНТ)

Загреб – Жените во Хрватска што годинава заминале во старосна пензија првпат во историјата добиле повисока пензија од мажите, а разликата е само 24 куни. Тоа се должи на порастот на пензиите за женската популација, поради изедначувањето на работниот век и одлуката на хрватската влада на секое родено дете да му се додаде половина година пензиски стаж. („Вечерњи лист“)


Бисер балкански

Модерно ропство

– Како можеме да имаме какви било избори кога 230.000 семејства живеат како понижени и уценети поданици на режимот, со нескриен страв за егзистенција? Тие луѓе секои шест месеци ја исчекуваат пресудата на партискиот комесар од Српската напредна партија дали договорите за работа ќе им бидат продолжени на шест месеци. Под заканата од отказ и прераспределба на послабо платени работни места, луѓето масовно се принудуваат да живеат во модерни логори на тркала. Замислете како се чувствуваат луѓето што спротивно на нивната волја ги „товарат“ во автобуси платени со државни пари и ги возат по политичките собири низ Србија, го сакале тоа или не – Небојша Зеленовиќ, претседател на Заедно за Србија, во кампањата за бојкот за изборите во Србија.