Панорама
Тирана – Во главниот град на Албанија викендот продолжија протестите (четврти ден) поради полициската бруталност и убиството на младо момче што не ги почитувало мерките за карантин. Полицијата одговори на насилниот марш на демонстрантите со солзавец и водни топови. Протестот почна од канцеларијата на албанскиот премиер Еди Рама во Тирана, по што демонстрантите демолираа сообраќајни знаци и запалија контејнери за отпадоци. („Топ ченел“)
Сараево – Федералното Министерство за здравство бара од Советот на министри на БиХ да издаде наредба сите граѓани, вклучувајќи ги и оние од Србија и од Хрватска, да имаат негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа при влегување во БиХ. („Аваз“)
Атина – Во атинска болница завчера се роди бебе позитивно на ковид-19 од мајка заразена со вирусот, што наедно е прв ваков случај во Грција. Мајката пред осум дена имала симптоми на коронавирусот и по направениот тест било потврдено дека е позитивна. („Опсервер“)
Бисер балкански
Националистички агенди
– Секоја криза е можност и сакам да верувам дека ковид-кризата е можност за што помалку ретроградни националистички агенди. Би сакал да одговорам потврдно дека очекувам помалку национализам. Но на Балканот симболизмот е важен, а историјата сѐ уште е дел од политичката агенда кај многу политичари. Еден водечки политичар во регионот ми кажа дека кога зборува пред граѓаните за економија и за работни места, тие не слушаат. Тогаш почнува со слогани и тие аплаудираат – кажа Мирослав Лајчак, специјален претставник на Европската Унија во дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој очекува од водечките лидери на Западен Балкан повеќе да им говорат на граѓаните за тоа колку регионот е близок до ЕУ и обратно, како и за тоа колку Унијата им помага на граѓаните во регионот во овие тешки времиња.