Љубљана – Главниот словенечки епидемиолог Марио Фафангел ја напушти работната група на Министерството за здравство што ја советува Владата за мерките за борба против ковид-19, објави Националниот институт за јавно здравје. Шефот на Центарот за инфективни болести при НИЈЗ, Фафангел, го информирал министерот за здравство Томаж Гантар за својата одлука и причини, но не даде јавно објаснување. (СТА)

Сараево – Членот на федералниот кризен штаб Горан Черкез потврди дека епидемиолошките мерки што се во сила во тој ентитет во БиХ се продолжени уште 14 дена – покрај задолжителното носење маски и ограничен број луѓе на митинзите, вклучуваат и полициски час од 23 до 5 часот наутро. Черкез, кој е помошник-министер за здравство на БиХ, рече дека истите мерки ќе бидат продолжени за време на новогодишните и божиќните празници. („Аваз“)

Атина – Грчката влада продолжува со строгите ограничувачки мерки, вклучувајќи и затворање на училиштата до 7 јануари, за да се спречи ширењето на коронавирусот.
– Подобрувањето на епидемиолошките податоци и намалувањето на притисокот на вирусот се бавни, многу побавни отколку што се очекуваше – рече владиниот портпарол Стелиос Пецас. (Канал 5)


Бисер балкански

Наталитетот е на село

– Не се подобрува демографската слика на еден народ во станбени згради. Приградските населби и села ја имаат таа можност. По големите страдања, Србија биолошки закрепнува на село. Секоја нова повеќекатница, во Белград, Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Врање, Пирот…, ги гасне огништата низ Србија. Потребен ни е баланс – смета Ратко Дмитровиќ, министерот за грижа на семејството и демографија, кој на социјалните мрежи ја изнесе својата визија како да се подобри демографската состојба во Србија.
Тој пред еден месец ја објави и формулата за опстанок на српскиот народ, а тоа е дека едно семејство мора да има две деца. Моментално Србија е на просекот од 1,52 дете. Затоа апелира до селските семејства да го „зголемат бројот на жители“.