Подгорица – Во Црна Гора, од март до ноември, има зголемување на невработеноста од 11.000 лица или 31,6 проценти, рече Светлана Крговиќ. помошник-директорката во Секторот за исплата од областа на вработувањето во Бирото за вработување на Црна Гора. Состојбата на пазарот на трудот во земјата е неизвесна, нагласи таа. (РТЦГ)
Атина – Европската комисија потпиша меморандум во кој се опишува деталниот план договорен меѓу грчките власти и агенциите на Европската Унија за формирање нов прифатен центар на Лезбос до почетокот на септември 2021 година. Овој чекор е клучен за решавање на ситуацијата што се појави на островот откако во септември изгоре мигрантскиот камп Морија. Меморандумот е резултат на работата на европската работна група формирана за решавање на проблемот на островот. (АНА)
Загреб – Американскиот Стејт департмент одобрил можна продажба на воена опрема и оружје на Хрватска во износ од 757 милиони долари, објави американската Агенција за одбранбена безбедносна соработка. Како што се наведува, предложената продажба на оваа опрема нема да го промени основниот воен биланс во регионот. („Индекс“)
Бисер балкански
Наш и ваш патриотизам
– Тоа што се случува во Собранието на Србија и што 200 луѓе станаа и аплаудираа на навредите кон Сека Сабљиќ и Драган Бјелогрлиќ, тоа најмногу ме боли. Најмногу ме интересира кога го изгубивме правото на патриотизам, односно кога нивниот патриотизам стана подобар и поважен од нашиот. Тоа е наша грешка како им дозволивме нивниот патриотизам да биде единствен, вистински и исправен. Моето прашање е каде погрешивме во оваа борба да им дозволиме дека тие се единствено во право кога е во прашање љубовта кон оваа земја – кажа актерот Бранислав Трифуновиќ, како одговор на критиките и навредите што беа упатени на адреса кон колешката Сека Сабљиќ, која во изјава за едно интервју констатира дека „татковината е таму каде што ти е добро, а не каде што се сармите“.