Сараево – Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја откажа балканската турнеја откако бил во контакт со некој заразен со ковид-19. Министерството за надворешни работи соопшти дека 70-годишниот дипломат „се чувствува добро“, но се самоизолира како мерка на претпазливост. Лавров планираше да ги посети Босна и Херцеговина и Србија на 28 и 29 октомври. Во Белград, тој требаше да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Анкара – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, поднесе кривична пријава против десничарскиот холандски политичар Герт Вилдерс, лидер на Партијата на слободата во Холандија, која е од радикалната десница, поради навредлив твит, пренесува „Анадолија“. Во кривичната пријава поднесена од адвокатот на Ердоган, Хусеин Ајдин, до Државното јавно обвинителство во Анкара, се наведува дека Вилдерс извршил кривично дело со навредливите зборови насочени кон Ердоган, кои не може да се сметаат за слобода на говорот.
Загреб – Министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош, преку својата страница на Фејсбук им се обрати на граѓаните и рече дека наредил целосна мобилизација на здравствениот систем. Во последните 24 часа Хрватска пријави 1.413 нови случаи на коронавирус. Вкупно 897 пациенти се во болница, од кои 57 се на апарати за дишење. Регистрирани се и 18 смртни случаи. Хрватските медиуми со денови известуваат дека хрватскиот здравствен систем веќе е пред колапс, а епидемиолозите најавуваат уште поголем број новозаразени лица.
Тирана – Албанскиот премиер, Еди Рама, кажа дека нема да го менува ставот во врска со Изборниот законик, кој на повторно разгледување во Парламентот го врати претседателот Илир Мета. По апелот на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, да се почека мислењето на Венецијанската комисија што го побара Мета, Рама рече дека му разјаснил на комесарот дека „парламентот нема да чека ни секунда и дека нема потреба да се влегува во спиралата на авантурата каде што повикува Илир Мета“.