Атина – Вчераутро во грчкото пристаниште Пиреја се судри португалски товарен брод со грчкиот воен брод „Калисто“. При судирот беа повредени двајца воени морнари, а евакуиран беше целиот 27-член воен екипаж на грчкиот брод. Официјални лица потврдија дека португалскиот товарен брод не бил оштетен. Во тек е истрагата за утврдување како настанал инцидентот, како што пренесоа грчките медиуми.
Загреб – Хрватскиот институт за јавно здравје претстави нови критериуми за тестирање за ковид-19, одредување изолација и карантин. Според новите критериуми, институтот ја скрати самоизолацијата од 14 на 10 дена, а старото правило ќе важи за лицата што работат во институции за сместување и престој на стари и сериозно болни возрасни лица и лица со попреченост, соопшти Ивана Павиќ-Шиметин, заменик-директорката на хрватскиот ИЈЗ, а пренесе хрватски „Индекс“.
Приштина – Косовскиот министер за здравство, Арменд Земај, соопшти дека надлежните власти разгледуваат воведување построги мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Меѓу мерките што се разгледуваат се можното затворање на границите, воведување рестрикции во движењето, ограничување на бројот на учесници на разни манифестации во најпогодените области во согласност со процената на епидемиолошката состојба, пренесуваат косовските медиуми.
Љубљана – Словенечката влада нуди пет милиони евра во субвенции за комерцијалните авиокомпании што ќе можат да обезбедат следната година најмалку две линии неделно од главниот град до другите големи европски аеродроми. Заинтересираните авиокомпании треба да се пријават на јавниот повик што беше објавен завчера во словенечкиот „Службен весник“. Словенечките власти сакаат да ги зачуваат редовните линии што сè уште се во функција или да ги обноват оние претходно откажаните поради пандемијата на коронавирусот, пренесува хрватска „Хина“.